Search

Законската рамка во моментов не дозволува класично онлајн судење

Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека законската рамка во моментов не дозволува класично онлајн судење какви што можеби има во другите држави.

-Ние сме свесни дека законската рамка во моментов не дозволува класично онлајн судење какви што можеби има во другите држави или за какви што се отвори дискусијата. Јас гледам дека некои од медиумските наслови укажуваа на мое ретерирање од ставовите. Не. Напротив, јас не ретерирам. Меѓутоа вистината е дека ова е прашање кое што е сложено и кое што бара дискусија од сите фактори и актери. Еден министер или само Владата не може да го реши овој проблем бидејќи какво и законско решение ние да пропишеме правосудните органи, значи судството и обвинителството ќе треба да ги имплементираат, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Тој вели дека е најдобро дискусијата да продолжи и да се бара заедничко решение кое што ќе функционира во пракса и кое што нема да дозволи или да придонесе да има преголем застој во кој било случај, без разлика дали се работи за кривични предмети или за граѓански предмети.

-Ние со тие застои со години во минатото се боревме како држава и како правосуден систем и затоа не треба да дозволиме тоа да се повтори. Јас сум на располагање и еве можам и јавно да ги поканам сите претставници и на Судскиот совет и на Советот на обвинители со коишто и досега сме ги дискутирале овие прашања, меѓутоа и Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители заеднички да изнајдеме решение за тоа како да не застане судскиот систем и како да продолжат рочиштата за да не се соочуваме со евентуални задоцнувања, заостанувања или, пак, не дај Боже застарување на предметите. Мислам дека не треба ниту едно решение да се отфрла, истакна Маричиќ.

Според него, за секое решение треба да се бара практична примена. – Владата е подготвена за тоа да разговара и да најдеме како е најдобро за да се зачува здравјето на учесниците во постапките, но од друга страна и да не се загрози сигурноста во постапките, ниту пак правниот принцип на владеење на правото, рече министерот за правда. 

Треба да знаете
Последни објави