Search

Со протестот против Кацарска, ВМРО ДПМНЕ потврди дека стои зад насилството од 27 април

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ со негодување и протест во собраниската сала го дочекаа предлогот на Судскиот совет, судијката Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Оправдано е една пратеничка група да не се согласува со изборот на одреден судија, но при тоа мора да понуди аргументи за таквиот став. ВМРО ДПМНЕ избра наводните аргументи да го фокусира во еден судски случај, а тоа е насилството во парламентот, познат како „27 април“ кога толпа вооружени насилници упаднаа во парламентот со цел да ликвидираат политичари и да спречат СДСМ да формира влада, иако имаше обезбедено мнозинство пратеници.

Потоа, со помал интензитет се споменуваше и судскиот процес „Тенк“ во кој Добрила Кацарска ги осуди на затворски казни Никола Груевски и Гордана Јанкуловска. Ова упатува на заклучок дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ водат грижа за кариерата на Кацарска, но само од аспект на случаи во кои таа осудила функционери и членови на ВМРО ДПМНЕ, без да изустат ниту збор  што е со стотиците други предмети кои таа ги имала во долгата, 30 годишна судиска кариера.

Значи, Кацарска осудила многумина и водела безброј судски процеси, ама ете ВМРО ДПМНЕ смета дека таа е судијка на власта затоа што го осудила нивниот шеф Груевски, кој на криминален начин со Јанкуловска потрошиле стотици илјади евра за мерцедесот на МВР, исто како и насилниците кои за малку ќе го ликвидираа Зоран Заев во парламентот. Вреди да се напомене дека ОБСЕ го мониторираше процесот „Тенк“ и во извештајот напиша дека судот овозможил еднаквост на оружјата и дека во целото судење биле почитувани законите.

Немајќи вистински аргументи за работата на Кацарска во изминатите три децении, пратениците на ВМРО ДПМНЕ несвесно пукаа во празно со споменување на овие две судски досиеја. Но, она што го покажа седницата е дека со ваквиот потег ВМРО ДПМНЕ само уште еднаш се стави на страната на насилството и на криминалот. Од одговорна партија се очекува да се дистанцира од насилниците, да ги осуди и да го поздрави нивното затворање, а не да се обидува вината да ја префрла кај судијата што ги осудил. На крајот на краиштата, кај секој судија можеше да се падне предметот, но ако доказите се тие и постојат тогаш сеедно е кој судел. Важно се судело според докази и фактичка состојба.

А толку многу функционери и членови на ВМРО ДПМНЕ се обвинети за криминал и корупција, што сакала или не, некој предмет ќе и се падне и на Кацарска.

Треба да знаете
Последни објави