Search

Ѓорѓевиќ: Кога вирусот те затвора меѓу четири ѕида

Кога лежиш дома затворен меѓу четири ѕида, изолиран, помалку осамен, затвораш очи во обид да ги сопреш мислите кои непрекинато течат. Баш тогаш тие ти се најголемиот непријател во оваа осаменост, и наместо да ја пополнат празнината тие ја намалуваат оддалеченоста помеѓу тебе и бездната.И веќе кога не можеш да ги сопреш мислите се прашуваш зошто баш тебе ти се случува ова?

Но вистинското прашање не е „зошто ми се случува ова“ туку „кому му се случува“?

Одговорот е повеќе од јасен.

Сигурно сега бараш виновник затоа што ТИ ги тргаш маките, ја трпиш болката и под перницата кашлаш за да не те чујат мајка ти и татко ти во соседната соба, затоа што нив уште повеќе тогаш ќе ги боли душата.  Низ солзи се молиш барем вака, дома да го победиш вирусот наместо во болница, со кислородна поддршка или не дај боже приклучен на респиратор. И пак низ мислите ти се провлекува онаа потрага по виновникот. Кој е виновен што тебе ти е вака? Универзална вистина е дека сами сме си виновни за сѐ што ни се случува, ние сме одговорни за секоја акција која што се одвива во нашиот живот!  Не ми верувате мене, мислите трескам глупости, вирусот ми го „исушил“ мозокот? Ок, не мора да ми верувате, проверете си!

Но, дозволете ми да продолжам и искрено да ја разголам душава пред вас. Лута сум, бесна сум, повредена и разочарана затоа што секогаш кога мислам и сакам да верувам дека „ќе нè биде“ како народ, дека ќе тргнеме напред и ќе создаваме услови за подобра иднина, „ми го кршите филмот“!

Каде си тргнал ти без маска да влегуваш во автобус, аптека, маркет? А ти што ја носиш маската под нос, „обесена“ на едното уво, долу под брадата, со тебе што правиме?  Вие што лудувате до рано наутро по некои квази-дискотеки сигурно мислите дека сте „најглавните фаци у маало“? И колку е среќен бракот, крштевката, роденденот, матурата ако им донесе болка, изолација, смрт на оние кои најмногу ви значат? Епа мој народе, вака не можеме (а се прашувам и колку заслужуваме) да станеме европски граѓани. Вака неодговорни, без емпатија, без и најмалку да ни е гајле за сопственото и туѓото здравје, себични, апсолутно премногу себични, што мислите до каде ќе нè доведе?

Јас ќе се дрзнам искрено да ви одговорам.

Ќе не доведе до денови кога ќе имаме и повеќе од 300 заболени, повеќе од 100 починати, ќе не доведе до ситуации да ни колабира и онака веќе кревкиот здравствен систем. Сигурно пак ќе нè зачуди дека некоја друга медицинска сестра или лекар си дале отказ. Се прашувам како успеаја до сега да издржат?

Секоја чест! Наша е одговорноста за секоја пролеана солза и згаснат живот поради вирусов! Моја, твоја, на образованиот систем, МВР, на родителите кои нè воспитале, наша заедничка! И сè додека не го прифатиме проблемот нема да можеме и да го решиме. Зошто споменав дека одговорност има и образовниот систем? Токму затоа што од мали нè учи на дисциплина, да ги почитуваме правилата во спротивно ќе бидеме казнети. И системот, општеството, сурово нè казнуваат за секоја направена грешка. Затоа некои од нас маските ги ставаат само кога во близина има полицаец, за да не добијат парична казна. Ќе бидеме дисциплинирани и ќе почитуваме мерки само кога некој на повисока функција од нас ќе ни упати критика, ќе нè прекори или ќе ни врачи „казниче од 20 евриќа“.

Виновен е образовниот систем затоа што не нѐ учи на самодисциплина.

Да ги почитуваме правилата и тогаш кога нема казни, да ни биде еднакво важно туѓото колку и сопственото здравје, не нѐ учи да помагаме без да очекуваме нешто за возврат, и она најважното во образовниот систем не нѐ учат на вистинските вредности.

Затоа сега во општеството имаме илјадници неодговорни граѓани/ки.

Вината ја наоѓам исто и кај сите родители што во процесот на воспитување им вметнале погрешни кодови на сопствените деца и ги воспитувале по принципот „гледај си ти за себе, остави ги другите“, „битно на тебе да ти е добро, твојата среќа е најважна“.

Епа честитки, сте создале неодговорни генерации на кои сега нема да им е грижа за другите.

Зошто споменав дека е одговорно и МВР?  Затоа што полицаецот кој те сопира да ти напише казна поради тоа што не носиш маска, својата ја има закачено на раката како моден додаток. Одговорни се затоа што и тие ги прекршуваат мерките наместо да бидат пример за нивно почитување.

И на крај секој е одговорен за себе, сме требале дополнително да се едуцираме, да работиме на себе, да посетуваме неформални едукации, предавања, курсеви за самодисциплина. Едноставно во 21-ви век имаме толку многу возможности за дополнителна едукација сѐ со цел да ги отстраниме сите погрешни кодови и да се изградиме себе си во подобри личности.

Но, да се разбереме во секое правило има исклучоци, има одговорни просветни работници кои силно се трудат децата да ги научат на правилни нешта, има одговорни родители, професионални полицајци кои достојно си ја вршат должноста!

Таквите се надеж за сите нас и оваа општество! Убедена сум дека сето ова ќе заврши еден ден и повторно ќе можеме да се прегрнеме.

А до тогаш заедно и со свест, ум, целосно одговорно да се бориме за што побргу да заврши хоророт кој моментално го живееме и да ни се врати сјајот во очите, безгрижноста во срцата и искрените насмевки на лицата.

Треба да знаете
Последни објави