Search

Турскиот брод за истражување нафта ја напушти позицијата и тргна кон север

Турскиот брод „Јавуз“ за истражување наоѓалишта на нафта и гас денес, за првпат по неколку месеци, ја напушти својата позиција југозападно од Кипар, поттикнувајќи надеж дека се ублажува ескалацијата на тензиите поради спорот за енергетските ресурси во источното Средоземје.

Функционерите во Никозија кажаа дека одредиштето на „Јавуз“ е непознато, но проценуваат дека, ако бродот продолжи да плови кон север, тоа би можело да биде уште еден знак за попуштање на тензиите бидејќи вечерва би можел да стигне до турските територијални води.

Грција и Турција спорат околу територијалните води богати со нафта и гас, а тензиите пораснаа кога Анкара го испрати истражувачкиот брод во спорниот дел од Средоземјето, придружуван од воени бродови.

Сојузничките во НАТО, Грција и Турција, воспоставија механизам за избегнување судири во источниот Медитеран, соопшти во четвртокот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, што е дел од напорите да се ублажи спорот околу енергетските ресурси во регионот.

Германија ги предводи дипломатските напори за поширок дијалог и лидерите на Европската Унија се сретнуваат во Брисел за да расправаат за тоа како да се избегне секаква ескалација поради потрагата по нафта и гас.

 

Треба да знаете
Последни објави