Груби- Холштајн: Подготвени сме да започнеме преговори со ЕУ

Првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, денеска оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Скопје, Анке Холштајн.

Амбасадорката Холштајн,  како што соопшти Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, му честиташе на Груби за формирањето на Владата и позицијата што ќе ја извршува, посакувајќи му успех во остварувањето на неговите цели.

За време на состанокот, амбасадорката Холштајн ја спомна важноста на Владата да управува со кризни ситуации, како што е актуелната ситуацијата со КОВИД-19.

Германската амбасадорка, како што стои во соопштението, истакна дека официјален Берлин продолжува да ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот евро-интеграциски пат и во спроведувањето на реформите потребни за постигнување на оваа цел, вклучувајќи го отворањето на преговорите за членство во ЕУ.

Првиот вицепремиер Груби и се заблагодари на германската амбасадорка за искрените честитки и континуираната поддршка на германската држава, подвлекувајќи дека новата Влада ќе продолжи да биде посветена на нејзиниот пат кон Европската унија и спроведувањето на реформите во областа на правдата.

Груби, исто така, пред германската амбасадорка го повтори ставот дека на земјата и треба функционална политичка хармонија со цел да се донесат добри одлуки што ќе покажат ново лице во текот на овој владин мандат. Тој, исто така рече дека новата Влада ќе се потруди еднаш и засекогаш да го искорени митото и корупцијата.

Како што е наведено во соопштението, за време на состанокот со германската амбасадорка, Груби вети дека тој како прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, ќе се заложи за добри меѓуетнички односи и социјална кохезија за сите граѓани на Република Северна Македонија.

На состанокот Холштајн и Груби, разменија мислења и за други политички теми во земјата и регионот. 

Треба да знаете
Последни објави