Во Црна Гора трговскиот дефицит за седум месеци надмина милијарда евра

Вкупната надворешно-трговска размена на Црна Гора од почетокот на годинава до крајот на јули изнесува 1,4 милијарди евра и падна за 300 милиони или 17,8 проценти, покажуваат податоците на Заводот за статистика (Монстат).

Извозот на Црна Гора во периодот јануари-јули беше 200 милиони евра, додека увозот изнесува 1,22 милијарди евра, што значи дека трговскиот дефицит надмина една милијарда евра за само седум месеци, пишува „Вијести”.

Во споредба со истиот период минатата година, извозот падна за 12,5 проценти, додека увозот за 18,7 проценти.

Црна Гора во овој период оствари најголема трговска размена со Србија, во вкупен износ од 285 милиони евра, што е 20 отсто од вкупната трговија на Црна Гора со светот. Во истиот период минатата година, трговијата со Србија вредеше 343 милиони евра.

По Србија, најголемата трговска размена е со Кина, од каде се увезуваше стока за 122 милиони, а се извезуваше за 13 милиони евра.

Следува Германија со 121 милиони евра трговска размена, од кои увозот од таа земја изнесува 111 милиони, а извозот 10 милиони евра.

Надворешно-трговската размена била на исто ниво со минатата година до март годинава, а потоа следел голем пад, што се совпадна со избувнувањето на епидемијата на коронавирусот во Црна Гора.

Само во јули, увозот изнесуваше 180 милиони евра, додека во истиот месец во 2019 година, тој изнесуваше 250 милиони евра.

Најголем пад на извозот имаше во мај, кога тој изнесуваше само 18 милиони евра, додека истиот месец минатата година беше 30 милиони.

На падот на трговијата влијаеше намалувањето на економските активности, воведувањето забрана за работа во одредени активности, ограничувањата во сообраќајот и драстичното опаѓање на туристичките посети, се додава во текстот на „Вијести”.

Треба да знаете
Последни објави