Search

ЕУ подготвува таргетирани санкции против петнаесетина лица во Белорусија

Министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе се состанат неформално во Германија на крајот на оваа недела, една од главните теми на разговорите ќе бидат таргетираните санкции против лица блиски до режимот на Александар Лукашенко, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова денеска го потврдија највисоки дипломатски извори во Брисел за повеќе медиумски претставници.

За сега е неизвесно колку и кои луѓе ќе се најдат на списокот на санкции. Целта на дипломатските служби на ЕУ е да бидат додадени помеѓу петнаесет и дваесет лица, инволвирани во изборните измами од 9 август и во репресијата врз демонстрантите по изборите, објаснуваат дипломатите во Брисел.

На неформалниот состанок на крајот на оваа недела, министрите не можат да донесат одлука за санкции, но можат да постигнат компромис за предлог санкции кој потоа треба да биде усвоен на формален состанок.

Во минатото се случувало санкции на ЕУ да бидат укинати од страна на судот за правда во Луксембург. Поради ова, велат дипломатите, “многу е важно да имаме цврсти докази” за лицата кои ќе се најдат на списокот, а истовремено одлуката да биде донесена и усвоена доволно брзо за да испрати “позитивен политички сигнал” до белоруските граѓани дека ЕУ не се откажува од санкции.

Иако начелно се разгледуваат помеѓу петнаесет до дваесет лица, не е исклучено да се намали бројката, ниту пак е исклучено да се зголеми, вели висок дипломатски извор од ЕУ.

Целта на европските санкции е да се “промени однесувањето” на чинителите на терен, односно блиските на претседателот Лукашенко, чија изборна победа ЕУ не ја признава, со оглед на масовните протести и отсуството на меѓународни набљудувачки мисии на денот на изборите.

За сега ЕУ се соочува со силен отпор од страна на белорускиот режим и на Лукашенко, кој одбива да седне на преговарачка маса со опозицијата и граѓанското општество.

-Единствен излез е дијалог помеѓу ефективната власт, опозицијата и граѓанското општество, најдобро сценарио е тој дијалог да се случи помеѓу сите чинители во Белорусија, но е малку веројатно, така што нашиот предлог е со дијалогот да претседава претседателот на ОБСЕ, објасни дипломатот за медиумите попладнево.

ОБСЕ е организацијата со најголем легитимитет бидејќи во неа членуваат и Белорусија и Русија, но Лукашенко се противи и на оваа опција за сега, велат дипломатите. Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат и за последиците на одбивањето дијалог од страна на белорускиот режим, рече дипломатот.

Треба да знаете
Последни објави