Search

Македонскиот документарен филм „Сите ќе умреме“ вечерва на „Македокс“

Меѓу филмовите на програмата на 11. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ на 23 и 24 август се и три нови македонски остварувања.

Премиерната проекција на документарниот филм „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски ќе се одржи на 23 август, со почеток во 21 часот, во Парк МКЦ.

Филмот „Сите ќе умреме“ е реализиран во продукција на „Хауском“, во копродукција со ОХО. На фестивалот се прикажува во програмата Кратки документарци. Филмот третира веќе познати теми на економска несигурност и индивидуални егзистенцијални дилеми во локален, типичен балкански контекст, но преку еден по малку бизарен аспект на целокупниот општествен живот – погребалниот бизнис. Сашко Потер Мицевски, режисер и сценарист на „Сите ќе умреме“ е познат на домашните познавачи на документарниот филм преку неговата авторска работа на документарецот „(Вон)земјанинот Ли“.

На 24 август во летното кино на Кинотеката, во 20.30 часот, премиерно ќе биде прикажан филмот „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска, додека во Парк МКЦ во терминот од 21 часот премиерно ќе биде прикажан филмот „Професорот“ на Јордан Дуков.
Документарниот филм „Нејзиното семејство 2010-2019“ е снимен по сценарио и во режија на Елизабета Конеска, монтажата е на Блаже Дулев, а во продукција на НУ Музеј на РСМ. Мерѓузел е традиционална, но силна жена која сака и се обидува да се еманиципира себеси. Во константна потрага по подобар живот, заедно со членовите на своето семејство, таа го менува своето/нивното место на живеење веќе 10 години. Но колку е успешна потрагата и како се соочуваат со предизвиците?

Документарниот филм „Професорот“ на Јордан Дуков е филмско првенче на продукцијата „Кадар“. Филмот е посветен на гевгелиската легенда Илија Џаџев и на звуците на неговата хавајска гитара. Илија Џаџев по професија бил професор по географија, но неговите гевгелиски современици го паметат како уметник, како поет со слободна душа и како последниот македонски трубадур. На „Македокс“ филмот се прикажува во категоријата Нови автори.

Форумот МакеКоПроДокс оваа година целосно се одвива он-лајн. Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, 3 скандинавски филмски агенции и 10 проекти кои се во завршната фаза на продукција. Главната сесија на форумот ќе се одржи на 24 и 25 август преку платформата „Зум“. На 24 август од 15 до 17 часот ќе се одржи и дебата „Иднината на документарниот филм во регионот“. Модератори на форумот се Бригид О’Шеа (Европско здружение за документаристика и директорка на ДОК Индустри – ДОК Лајпциг) и Хеле Хансен (Комисија за филмска документаристика – Норвешки филмски институт, Норвешка). Форумот е во организација на МакеДокс, МЕДИА Деск МК и МКЦ.
Во Парк МКЦ поставена е изложба на постери за годинашното издание на „Македокс“. Автор на постерите е Самир Карахасан, додека истражувањето беше направено во соработка со Иститутот по биологија на Природно-математичкиот Факултет (ПМФ) во Скопје. На постерите се прикажани микроскопски слики од кромидот и неговата внатрешност.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.
Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.
Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.

Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата mktickets.mk.

Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.

Треба да знаете
Последни објави