Почна предизборната кампања за вториот круг од општинските избори во Франција

 Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека вториот круг од општинските избори „ќе може да се одржи на 28 јуни”, со што од денеска и официјално почна кампањата, јави дописникот на МИА.  

Отворена е предизборната кампања за вториот круг од изборите, точно три месеци по првиот круг, што се одржа на почетокот од епидемијата со Ковид-19.

Кампањата поради безбедносните санитарни мерки, ја принуди владата да ги зајакне мерките на претпазливост: забранети се масовните митинзи, многу малку посети по домовите, почитување на физичкото растојание и носење на заштита маска.

Социјалните мрежи ќе бидат многу употребувани за време на кампањата, исто како и медиумите, видео конференциите, испраќање СМС пораки, со што ќе треба да се заменат директните контакти со гласачите. Во зелените зони, а од денеска цела Франција е во зелено, ќе можат да се организираат предизборни собири во објекти кои примаат публика, но со ограничен број на учесници. Накрато, за вториот круг на општинските избори нема да има „вистинска предизборна кампања” во класичната форма.

Обично предизборната кампања за вториот круг на општинските избори трае само неколку дена, бидејќи вториот круг е само една недела по првиот. Сега официјалната кампања ќе трае две седмици.

Правилата на изборната кампања се исти за сите кандидати. Листите во секоја општина со жрепка го добиваат местото на огласните табли поставени во близина на гласачките места и секое огласување надвор од дозволените места се казнува. Од 8 јуни телевизиите и радио каналите треба да им дадат правична застапеност на сите кандидати на нивните програми. Аудиовизуелниот совет се грижи за мерењето на времето.

Крајот на кампањата е предвиден за во петок 26 јуни на полноќ, а во саботата и во неделата на денот на изборите е забрането водење на кампања или објавување на анкети за намерите на глласачите.

Треба да знаете
Последни објави