Search

Сеќавање на Кирил Ценевски: 100 бесплатни ДВД изданија со неговите играни филмови

Утре (вторник, 16 јуни) се одбележува една година од смртта на филмскиот режисер Кирил Ценевски (1943-2019).

По тој повод, во периодот од 9 до 15 часот, Кинотеката на заинтересираните филмофили бесплатно ќе им додели 100 примероци од ДВД изданието со неговите играни филмови.

Се работи за ДВД изданието со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски што Кинотеката го промовираше пролетта минатата година, неколку месеци пред заминувањето на легендарниот автор во македонската кинематографија.

Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943. Филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот ЦРНО СЕМЕ, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври…

Потоа ги сними ЈАД (1975) и ОЛОВНА БРИГАДА (1980), а по четвртиот игран филм ЈАЗОЛ, Ценевски не застана зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк, по експлозивната деценија ипол во неговото неконформистичко творештво, секогаш е причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус, со дигитализираното издание на неговите играни филмови.

Режисерот и сценарист Кирил Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Треба да знаете
Последни објави