Поранешен американски маринец осуден на 16 години затвор во Русија за шпионажа

Руски суд осуди Американец на 16 години затвор поради обвиненија за шпионажа, казна што тој ја отфрли како политички мотивирана, пренесува ТАСС.

Градскиот суд во Москва денеска ја прочита пресудата на поранешниот американски маринец Пол Велан под обвинение за шпионажа и го осуди на 16 години во затворска колонија со максимална безбедност. Велан е прогласен за виновен според Член 276 од Рускиот кривичен законик (шпионажа). Обвинителството претходно побара од судијата да му изрече казна од 18 години.

„Судот донесе одлука да му изрече казна на Велан од 16 години во високо-безбедносен поправен дом“, се вели во пресудата.

Строгата казна за Велан веројатно ќе предизвика тензии меѓу Русија и САД. Таа е резултат на тајното судење кое беше критикувано од амбасадорот на САД во Русија, Џон Саливан, како исмејување со правдата. Американската амбасада го осуди судењето на Велан како неправедно, посочувајќи дека не биле обезбедени докази.

Американскиот државјанин Пол Велан, кој исто така има британско, канадско и ирско државјанство, е шеф за глобална безбедност во „БоргВорнер“, компанија за автомобилски компоненти со седиште во Мичиген.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претходно соопшти дека Велан бил приведен на 28 декември 2018 година во Москва додека бил наводна шпионска мисија. Велан беше уапсен на свадба во еден луксузен хотел во Москва и беше обвинет дека добил државни тајни на флеш-драјв. Тој тврди дека бил наместен од познаник со кого се запознал преку Интернет.

Покрената беше кривична истрага против него за обвиненија за шпионажа со можна казна до 20 години. Велан инсистира на својата невиност, велејќи дека е наместен. Тој го смета случајот против него за политички мотивиран. Велан исто така се пожалил на малтретирање додека бил во притвор.

Братот на Велан, Дејвид, изјави за „Гардијан“ дека адвокатите ќе ја обжалат пресудата што и тој ја осуди како политичка, додавајќи дека одлуката на судот само го комплетира последниот дел од овој расипан судски процес.

„Се надевавме дека судот може да покаже одредена независност, но, на крајот, руските судии се политички, а не правни лица. Бараме од американската влада веднаш да преземе чекори за да го врати Пол дома“, се вели во неговата изјава.

Според „Гардијан“, казната за Велан се смета за веројатна претходница за размена на затвореници, како што се случи во една необична тринасочна трампа во која беа вклучени Норвешка и Литванија, во ноември.

Русија лани соопшти дека им кажала на САД дека би биле подготвени да го заменат Велан за пилотот Константин Јарошенко, руски државјанин уапсен во Либерија кој во САД е осуден на 20 години затвор по обвиненија за дрога. Русија тогаш рече дека е рано да се разговара за Велан, бидејќи тој сè уште не беше осуден.

Рускиот адвокат на Велан, Владимир Жеребенков, претходно изјави за „Гардијан“ дека очекувал Кремљ да побара размена за неговиот клиент по пресудата.

„Ако Трамп ослободи еден од нашите, тогаш сигурен сум дека и нашиот ќе ослободи некого. Тоа е висока политика. Сакам да кажам дека нашиот претседател е апсолутно разумен во врска со ова. Путин го гледа сето ова прилично мирно. Зошто да не направиме размена?”, рече тој во ноември.

Треба да знаете
Последни објави