Search

Приштина ја претстави платформата за дијалогот со Белград

Косовскиот премиер Авдулах Хоти ја претстави платформата за дијалогот со Белград. Тој истакна дека дијалогот ќе го води тој и дека во него „територијалниот интегритет“ нема да биде тема.

-Нема да се натпреваруваме, бидејќи моите компетенции се јасни за процесот на дијалогот, изјавил Хоти, а пренесуваат косовските медиуми.

Процесот, како што кажа, ќе биде транспарентен и ништо нема да се договара „зад затворени врати“. Повтори дека косовската влада ги отстрани сите пречки во договор со меѓународните партнери за дијалогот со Белград да продолжи, но додаде дека, ако во одреден рок не биде постигнат успех во тој процес, мерките за реципроцитет би можеле да бидат вратени.

Според приштинскиот портал Љајми, Хоти кажа дека владата ја информирала опозицијата за рамките во кои дијалогот ќе биде продолжен, но дека опозицијата била незаинтересирана.

-Ја усвоивме рамката на дијалогот во коалицијата и ја информиравме опозицијата. Она што сите мора да го знаат е дека прогласувањето на независноста е траен процес за кој никој не може да разговара, изјавил Хоти.

Приштинска Газета експрес пренесе дека, според Хоти, првиот принцип на платформата е зачувување на „територијалниот интегритет на Косово“.

Како второ наведе дека договорот за нормализација на односите треба да биде во согласност со косовскиот устав и дека тој документ треба да обезбеди „уставна организација на Косово“.

Целта е, кажа Хоти, „трајно заемно признавање, а не модел на две Германии, членство на Приштина во ОН и признавање на косовската независност од преостанатите пет земји членки на ЕУ“.

Најави дека Приштина ќе се занимава со сите, како што кажа, отворени прашања на „исчезнатите лица и воената отштета“.

Делегацијата за преговорите ќе ја сочинуваат сите лидери на политичките партии, а во рамки на неговиот кабинет ќе биде формиран совет на експерти. Од парламентот ќе побара да формира комисија за дијалогот, која треба да ја предводи опозицијата.

Треба да знаете
Последни објави