Во ек е подготвката за почеток на туристичката сезона и во Турција

Турција се подготвува за почеток на туристичката сезона. Релативниот успех во борбата против пандемијата со коронавирусот и засилените безбедносни и хигиенски стандарди би требало да ги привлечат туристите во овааа земја, каде туризмот е една од напрофитабилните економски гранки. Но, пандемијата на коронавирусот во голема мерка го парализираше овој сектор, кој според податоците на турската Канцеларија за статистика доживеа пад по забраната за летови во март. Резервациите за сместување во хотелите опаднаа за 55,2 насто во однос на претходната година.

Поради тоа турската влада во последно време го забрза темпото на работа и Анкара сака што е можно побрзо да ги укине ограничувањата за патување за да се подготви на време да ги дочека туристите на турските плажи во летната сезона 2020 година. Од средината на јуни би требало повторно да бидат дозволени и меѓународни летови.

Министерството за туризам го оправда планираното ублажување на мерките со фактот дека Турција има контрола над ширењето на коронавирусот. Се тврди оти во борбата против пандемијата е постигнат успех – болниците успеале да излезат на крај со зголемениот број пациенти, бројот на новоинфицирани опаѓа од почетокот на мај, а стапката на смртност поради вирусот во споредба со другите држави е релативно ниска.

За да можат туристичките компании наскоро да започнат со работа, посебен стручен тим под водство на Министерството за туризам изработи низа услови и мерки за безбедност. Откако ќе биде совладана пандемијата, Турција ќе има пионерска улога во развој на туризмот, најави министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој. Како што најавија од ова министерство, ќе започне „програма за сертифицирање на здрав туризам“.

Хотелите, аеродромите, авиокомпаниите, угостителските објекти и сместувањата треба да бидат проверени за да се осигура дека работат во согласност со хигиенските и безбедносните барања.„Како дел од сертификатската програма, вработените во хотелите ќе бидат подложени на здравствени проверки, а ќе се проверува и дали има случаи на Ковид-19“, објаснува Џем Полатоглу, гласноговорник на Здружението турски туристички агенции.

За да се одржи потребната дистанца меѓу гостите и персоналот, хотелите ќе работат со ограничен капаците од само 60 отсто. Во рестораните ќе можат да се примат само 500 гости, а храната ќе се послужува на маса. Притоа и гостите требаат да држат растојание на плажите и да се регистрираат пред да одат на плажа. „Дискотеките и баровите ќе бидат затворени“, вели Полатоглу.

Треба да знаете
Последни објави