Грција работи на план за постепено рестартирање на домашниот и странскиот туризам

Владата работи на план за постепено рестартирање на домашниот и странскиот туризам и го очекуваме предлогот на Европската комисија за да постои заеднички унифициран пристап во прашањето со транспортот, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, повторувајќи дека слободното движење на луѓе е една од четирите основни слободи на кои се базира Унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас објасни дека грчката Влада работи на планот, што ќе биде соопштен кога ќе се финализираат разговорите на европско ниво.

-За да стигнеме до кохерентен план што ќе ги вклучува не само прашањата на домашниот туризам, туку и на странскиот туризам, кои во голема мерка зависат од напредокот на разговорите на европско ниво за авиопревозниците, сѐ уште е релативно рано. Кога ќе го финализираме ова планирање, во координација и со завршувањето на разговорите на европско ниво, тогаш ќе го соопштиме кохерентниот план, рече портпаролот на грчката Влада.

Одговарајќи на новинарско прашање за предвремени избори или реконструкција на Владата, Пецас рече дека грчкиот премиер не размислува ниту за избори, ниту за реконструкција.

Во однос на втората фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки, што започна денеска, Пецас изрази надеж дека и „во вториот чекор кон новата нормала ќе преовладуваат индивидуалната одговорност и колективната зрелост”.

– Од сите нас потребно е строго придржување кон правилата за хигиената, за растојанието и за избегнувањето гужви. Оние кои ги игнорираат и уште полошо, оние кои повикуваат на организирани собири, се ставаат самите себе во опасност, ги ставаат во опасност нивните семејства, општеството во целина. Грубо го навредуваат мнозинството Грци, кои покажуваат примерна дисциплина, индивидуална одговорност и колективна зрелост, рече Пецас.

Треба да знаете
Последни објави