Кон: Очекуваме крај на епидемијата во Србија од почеток до средината на мај

Крајот на епидемијата на коронавирус во Србија може да се очекува меѓу 10 и 12 недела, оцени членот на кризниот штаб на српската влада д-р Предраг Кон. Српската влада од денеска ги олесни рестриктивните мерки воведени поради пандемијата. Првиот случај на коронавирусот во Србија е регистриран на 6 март, а вонредната состојба е воведена на 15 март, така што најавениот крај на епидемијата, според Кон, може да се очекува во периодот од почетокот до средината на мај.

Кон за Радио Телевизија Србија (РТС) изјави дека дури и по укинувањето на вонредната состојба и покрај слабеењето на вирусот некои мерки ќе бидат задржани. Тој, исто така, истакна дека со тестирање сè повеќе се откриваат многу благи случаи на зараза, дури и асимптоматски, наведувајќи дека тестирањето во социјални установи, каде се појавила заразата, меѓу вработените се откриени и лица „без никакви симптоми“.

„Ова значи дека вирусот наголемо циркулира, но предизвикува многу мало заболување или никакво“, рече Кон, истакнувајќи дека „се чини дека вирусот сериозно слабее“.

Коментирајќи за тоа што може да биде потенцијална закана во седмата недела од пандемијата, во која моментално се наоѓа Србија, Кон рече дека закана може да претставува евентуална прекумерна зараза во некоја здравствена или социјална установа.

„Кога постепено ќе ги укинуваме мерките, мора да водиме сметка нешто да не не изненади, некоја грешка. Значи, сите оние што треба да почнат да работат мора да почитуваат сè што е веќе пропишано“, порача српскиот епидемиолог, потенцирајќи дека, покрај социјалната дистанца, мора да носат заштитни маски и ракавици, да ги дезинфицираат рацете и работниот простор.

На прашањето кога може во Србија да се очекува крајот на епидемијата, Кон оцени дека за тоа може да се разговара по излегувањето од осмата недела.

„Некаде од 10 до 12 недела може да се очекува веќе да нема никаква епидемија, но вирусот да исчезне – ова е сè помалку веројатно. Ќе се следи неговото присуство и за време на потоплите денови, но нема да има епидемија“, објасни Кон.

Србија во сегашната седма недела на епидемија влезе со вкупно 6.630 заболени од ковид-19 и 125 смртни случаи.

Треба да знаете
Последни објави