Харадинај: ЕУ нема кредибилитет да посредува меѓу Косово и Србија

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) и поранешен косовски премиер Рамуш Харадинај ја одби поканата на специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак за телефонски разговор, порачувајќи дека, во моменталните „нејасни политички околности”, еден таков разговор е непотребен.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во писмото што му го упати на словачкиот дипломат, Харадинај го повторува неговиот став дека „дијалогот со посредство на ЕУ, воден од поранешната висока претставничка Федерика Могерини, застрани од темите од суштинско значење” за преговорите на Приштина со Белград.

Сличен став поранешниот косовски премиер изразува и за улогата на новиот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, шпанскиот дипломат Хосеп Борел, како и на самиот Лајчак, за кои вели дека го одолговлекуваат изнаоѓањето решение за спорот меѓу двете земји.

– Ставот на ААК во врска со дијалогот останува непроменет: дијалогот со посредство на ЕУ, воден од поранешната висока претставничка Федерика Могерини застрани од темите од суштинско значење, ги загрозува достигнувањата на Косово и сериозно му наштетува на кредибилитетот на ЕУ за да посредува во дијалогот во иднина. Дотолку повеќе, го гледам сегашниот пристап од високиот претставник Хосеп Борел и од вас лично како обид да се одолговлекува конечниот договор и да се врати дијалогот во еден бескраен процес, се вели во писмото на Харадинај.

Поздравувајќи ги заложбите на германската канцеларка Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон и нивното лично ангажирање за постигнувањето сеопфатен и законски обврзувачки договор меѓу Приштина и Белград, косовскиот опозициски лидер нагласува дека од суштинско значење во процесот е вклучувањето на Соединетите Американски Држави.

– Секогаш сум бил гласен и јасен во барањето за активна улога на САД во дијалогот. Сега, ситуацијата со новата енергија на САД за Косово, ја зголемува надежта дека дијалогот Косово – Србија, што трае повеќе од една деценија, ќе се финализира со признавање во постоечките граници. Сепак, посредувањето од ЕУ под раководство на САД го гледаме како позитивно, порача Харадинај.

Според соопштението што до медиумите го испрати денеска ААК, Лајчак побарал телефонски разговор на 9 април, а писмото со кое Харадинај го одбил барањето е со завчерашен датум, односно од 17 април. 

Треба да знаете
Последни објави