Мустафа: Без двоумење ќе го прифатиме мандатот за формирање нова влада на Косово

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа изјави дека нема воопшто дилеми дали да го прифати мандатот за формирање нова Влада на Косово, веднаш штом претседателот на државата Хашим Тачи побара од неговата партија име на кандидат за иден премиер, јави дописникот на МИА од Приштина.

Изјавата на поранешниот косовски премиер, дадена за порталот „Газета експрес”, доаѓа во време кога актуелниот вршител на должноста премиер, лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, одбива да предложи име за мандатар, откако на неговата влада, на 25 март, ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, со повеќе од две третини од гласовите на пратениците.

Курти тврди дека, според негово толкување на Уставот, единствен начин да се формира нова влада е одржување нови парламентарни избори, кои треба да се организираат откако ќе помине кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

Претседателот Тачи, од друга страна, тврди дека нова влада може да формира тој кој што ќе обезбеди мнозинство во актуелниот парламентарен состав, што е став и на Мустафа, чија партија ја покрена иницијативата за уривање на владата на Курти, во која и самата дотогаш коалицираше.

На вонредните парламентарни избори во Косово, одржани минатиот октомври, ВВ на Курти освои 26,27 отсто од гласовите, со што обезбеди 29 пратенички места во 120-членото Собрание на Косово, додека ЛДК на Мустафа беше втора, со 24,55 отсто од гласовите и еден пратеник помалку.

– Во моментот кога ќе се исполнат уставните услови за на ЛДК да му се понуди мандатот и кога ќе постигнеме согласност со партнерите за критериумите, ЛДК без никакво двоумење ќе го прифати мандатот за формирање на владата, се вели во писмениот одговор на лидерот на ЛДК до приштинскиот медиум.

Според Мустафа, на земјата ѝ е потребна влада со целосен мандат за да се справи со Ковид-19 и со економската криза предизвикана од пандемијата.

По уривањето на Владата на Курти, претседателот Тачи започна консултации со парламентарните партии за формирање ново мнозинство кое ќе може да состави влада. По ова ЛДК оствари преговори со неколку опозициски партии и објави дека е во можност заедно со нив и со партиите на немнозинските заедници да го обезбеди потребното мнозинство за формирање нова влада.

Треба да знаете
Последни објави