Само за постојаните жители е дозволено да патуваат на грчките острови

Бродовите и траектите кон грчките острови, од утре, ќе бидат наменети само за постојаните жители и тоа од апсолутно неопходни причини, за снабдување на островите со храна и за оние што сакаат да се вратат, најави денеска министерот за поморство на Грција Јанис Плакиотакис, во рамките на нови мерки за граѓаните да останат дома и по информациите дека Грците масовно се упатуваат кон островите, јави дописничката на МИА од Атина.

-Основната порака е „Остануваме дома” и го ограничуваме, на апсолутно неопходното, нашето движење за да си се заштитиме самите, но и нашите сограѓани. Во овој контекст, во соработка со заменик – министерот за цивилна заштита Хардаљас од 6 часот наутро на 21 март, дозволено е со траект, да на островите да патуваат само постојаните жители. Па така, возните редови на бродовите се за постојаните жители од апсолутно неопходни причини и за снабдување на островите со храна, како и за оние што сакаат да заминат од островите. На овој начин ги заштитуваме жителите на нашите острови, рече Плакиотакис и порача дека треба да се покаже општествена одговорност во спречувањето на ширењето на пандемијата.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис во неговата вчерашна порака до граѓаните, се осврна и на патувањата на островите.

-Вирусот не познава граници и растојанија. Колку помал е островот каде што некој верува дека ќе прибегне за да се заштити, толку потешко, ако не и невозможно, ќе биде неговото згрижување ако се разболи таму, рече Мицотакис и истакна дека викендов е можност да се покаже општествена одговорност, а од сите ќе зависи „дали владата ќе треба да преземе уште подрастични мерки за ограничување на движењето”.

Надлежниот за коронавирусот во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас на вчерашната прес конференција порача дека „не може сликата во бродовите да наликува како да е 15 август со огромен број луѓе да се движат кон островите”.

Треба да знаете
Последни објави