Search

Кои се петте столба врз кои се потпира програмата на СДСМ

Изборната програма на СДСМ е насловена „Можеме! Уште повеќе, уште подобро“ и се темели на пет столба: 100.000 нови работни места и раст на платите; Грижа за сите; Ред дисциплина и правда; Ние сме НАТО одиме кон ЕУ; и Сите за еко држава. Во сите овие сегменти СДСМ смета дека има постигнато одреден, значителен напредок, но, ако им се довери нов мандат од граѓаните, тие веруваат дека ќе можат да продолжат со започнатите проекти, но и да промовираат нови политики.

Според статистичките податоци точно е дека во овие две и пол години, скратен мандат на СДСМ, се вработени околу 67.000 граѓани, како резултат на мерките за вработување, но и зајакнувањето на целиот економски сектор. Оттаму, оваа бројка им дава за право да тврдат дека во цел мандат од четири години новите 100.000 вработувања не се невозможна мисија. Вработувањата во изминатиот период ја симнаа статистичката бројка за невработеност на 16,6 отсто што е солидна основа за во новиот мандат да се спушти под 10 отсто. Во овој прв столб од Програмата на СДСМ е опфатен и растот на платите. Целта е до 2024 година просечната плата да достигне 600 евра, додека минималната 300 евра. И ова ветување на СДСМ е реално и очекувано.

Ако направиме споредба на податоците од 2016 година наваму, за две и пол години минималната плата од 9.000 денари се зголеми на 14.500 денари, што значи дека за период од четири години е остварливо таа да порасне за нови 3.500 денари и да изнесува 18.000. Истото е и со просечната плата која СДСМ ја приближи до 27.000 денари. Вториот столб „Грижа за сите“ се однесува на голем број категории граѓани, но предност се дава на децата, младите, социјалните и ранливите категории. На пример, социјалната помош во мандатот на СДСМ се зголеми за 300%, а до крајот на годинава таа помош ќе ја примаат 34.000 семејства, што е започнат процес и не може ништо да го попречи. Дури 65.000 деца ќе примаат детски додаток, исто така започната активност која оди во финална фаза. Планирано е да се градат и 777 социјални станови. Грижата што ја промовира СДСМ подразбира и нови клинички центри и нови лекови на позитивната листа. Понатаму, „Ред, дисциплина и правда“ е третиот столб врз кој се потпира партиската програма. Овој сегмент е исто така клучен затоа што граѓаните навистина очекуваат правда и санкции за сите криминалци. СДСМ најави конкретни активности за подобрување на состојбата во правосудството во правец на независност, објективност и чесност. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Започнува детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители. Ќе се врши темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните пет години, по случаен избор.

Претходно, власта изгласа сет закони за да го подобри функционирањето на правосудниот систем, пред се Законот за Јавно обвинителство со кој се гарантира завршница на предметите на СЈО, но и независен избор на обвинителите. Практично, најавените потези за прочистување на судството се своевидно продолжение на воспоставената законска рамка, за полесно судиите и обвинителите да ја донесат правдата. Несомнено дека еден од најголемите успеси на Владата на СДСМ е членството на државата во НАТО што значи сигурна иднина и гарантиран брз економски развој затоа што Северна Македонија добива пристап до пазар од четири милијарди евра годишно. Сега, во четвртиот столб на програмата се гарантира и старт на преговори со Европската Унија, но и брзо напредување затоа што Северна Македонија веќе има имплементирано поглавја и законски решенија ускладени со европското законодавтсво. А дел од тоа законодавство подразбира и строги закони против загадувањето на животната средина. Европските вредности подразбираат здрава и чиста околина со чист воздух на сите. Затоа СДСМ сместува мерки во цело поглавје од програмата со кои ќе продолжат онаму каде што веќе и се преземаат. Следува строга контрола и високи казни за загадувачите. Комунална полиција во секоја општина и 24-часовен надзор врз инспекциските служби. Тројно повеќе еко инспектори. Тројно повисоки казни за фабриките кои немаат еко филтри. Двојно повисоки казни за граѓаните кои загадуваат. Ќе продолжи помошта за граѓаните за современ и еколошки начин на загревање. 60.000 домаќинства ќе добијат бесплатен еко инвертер со цел забрана за употреба на фосилни горива. Предвидени се субвенции за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата. Гасот пристигнува до семејствата, а данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила се укинува. Ова е суштината на петте столба од изборната програма. Во СДСМ се уверени дека можат и повеќе и подобро. Ако ништо, после вакви две и пол години, редно е да имаат еден цел мандат.

Треба да знаете
Последни објави