Седницата на косовското Собрание на барање на Тачи нема да се одржи денеска

 Седницата на Собранието на Косово, која ја побара претседателот на државата Хашим Тачи со цел да ги информира пратениците за неговите средби и разговори за време на последната неколкудневна посета на Вашингтон, денеска нема да се одржи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Повикувајќи се на уставната одредба која му дава право да им се обрати на пратениците, Тачи по писмен пат побара од парламентарната спикерка Вјоса Османи да свика пленарна седница за денеска во 16 часот, меѓутоа досега не доби официјален одговор.

Извори од собраниските служби изјавија за приштинските медиуми дека седница денеска нема да има, а се очекува Османи во текот на денот официјално да одговори на барањето на Тачи.

Денешното писмо на Тачи уследи по вчерашното барање од страна на секретарот на неговиот кабинет до секретарот на Собранието на Косово, за организирање пленарна парламентарна седница на која претседателот ќе ги информира пратениците за неговите средби за време на последната неколкудневна посета на Вашингтон.

Тачи се врати од Вашингтон вчера, а ден пред тоа таму се сретна и разговараше со претседателот на Србија Александар Вучиќ. На средбата присуствуваа и советникот за национална безбедност Роберт Ц. О’Брајан и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот Приштина – Белград, амбасадорот Ричард Гренел. 

Треба да знаете
Последни објави