Search

Што се кокуси и примарни избори и зошто се важни за претседателската кампања во САД?

 Политичките партии во САД последниве 50 години со помош на кокуси и примарни избори ги одредуваат кандидатите кои ги номинираат во претседателската трка.

За претседателските избори во 2020 година, кокусите на демократите и републиканците ќе се одржат во шест сојузни држави: Ајова, Невада, Кентаки, Хаваи, Северна Дакота и Вајоминг.

Во Ајова веќе се одржаа првите кокуси, односно партиски собири, на кои граѓаните ја изразија својата наклонетост кон кандидатите за претседателска номинација.

Очекувано, Доналд Трамп е победник кај републиканците на гласањето во оваа држава, а изненадување беше гласањето во редовите на демократите каде поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Пит Бутиџиџ се пласираше пред Берни Сандерс и Џо Бајден.

„Гласот на Америка“ во статија објаснува што всушност се кокусите, наведувајќи дека тоа е како во ист ден и во исто време, на различни локации да се одржуваат илјадници состаноци.

Секоја гласачка област во конкрертна сојузна држава има одредено место каде се одржува кокусот. Обично тоа се училишта, библиотеки и јавни места.

На денот на кокусот, граѓаните се собираат во овие простории, разговараат и отворено изразуваат поддршка за еден од кандидатите од редовите на својата партија. Граѓаните кои сакаат да учествуваат во кокус мора да имаат најмалку 18 години и да бидат регистрирани во политичка партија.

Поддршката што граѓаните јавно ја изразуваат за кандидатите се брои, табелира, а потоа се проектира на бројот на делегати што ги добива кандидатот.

Бројот на делегати е важен затоа што тие гласаат на партиската конвенција во текот на летото, на која се носи конечна одлука за тоа кој ќе ја претставува партијата на претседателските избори.

За разлика од кокусите, каде отворено се изразува поддршка за еден од партиските кандидати, гласањето на т.н. примарни избори е тајно.

Сепак, исто како и кај кокусите, гласовите од примарните избори се претвораат во делегати, кои потоа гласаат за одреден кандидат.

Примарни избори ќе се одржат во повеќе од 40 држави. Првите ќе бидат во Њу Хемпшир на 11. февруари.

Бидејќи се први на списокот, Ајова и Њу Хемпшир привлекуваат најголемо внимание во американската јавност – иако други држави даваат поголем број на делегати, или пак се поразновидни во расна и социјална смисла, па би можеле да дадат подобра слика за тоа кој кандидат ќе помине најдобро.

Кандидатите кои ќе ги „преживеат“ кокусите од Ајова и примарните избори во Њу Хемпшир се соочуваат со нов предизвик наречен „Супер вторник“, кој е закажан за 3 март. На тој ден се одржуваат примарни избори во 14 држави, меѓу кои и двете најнаселени во САД – Калифорнија и Тексас.

Примарните избори ќе продолжат до првата недела од јуни кога ќе се одржи партиска конвенција каде конечно ќе биде избран кандидатот за претседателска номинација.

На конвенциите со објавува и името на кандидатот за потпретседател на САД.

Треба да знаете
Последни објави