Search

Град Скопје ја прогласи 2020 за година на Славко Јаневски

Градоначалникот Петре Шилегов, на денешната седница на Советот на Град Скопје, предложи 2020 да биде прогласена за година на Славко Јаневски во чест на стогодишнината од неговото раѓање. „За“ гласаа 32 советници.

„Град Скопје се грижи и ги вреднува нашите вистински вредности, а тоа ќе го докажува и преку низата планирани активности што ќе ги организира во текот на целата 2020 година во чест на овој наш творец, односно истакнат македонски романописец, поет, есеист, филмски сценарист и сликар“, велат од Градот.

Тргнувајќи од творештвото и од книжевната моќ на дејствување на скопјанецот Јаневски, во негова чест Градот планира да именува улица и еден од библиотечните клонови при Градската библиотека; изложба за животот и делото на Славко Јаневски во Музејот на град Скопје; распишување конкурс за уметници што ќе творат во негова чест; поддршка во реиздавањето на неговите дела, изработка на мурал на еден од скопските ѕидови и многу други активности.

Славко Јаневски е еден од втемелувачите на современата македонска книжевност по Втората светска војна и на стандарден македонски јазик ја напиша првата македонска повест „Улица“, првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“, а со „Две Марии“ и со многубројните преостанати дела го стави своето родно Скопје и нашето Скопје на светската книжевна мапа.

Треба да знаете
Последни објави