Search

Брестовац: Чесно си загубивме, ама се уште тврдам дека сме подобри од Чешка

Македонија не успеа да го претвори во победа натпреварот со Чешка, кој долго време беше во наши раце откако промашивме неколку зицери, смета селекторот Данило Брестовац.

-Причината за поразот е слабиот старт на второто полувреме, дозволивме серија од 1-6 за Чешка и тоа беше решавачко. Пресудија индивидуалните квалитети, Кашпарек нè разби во второ полувреме со 3-4 шута од 10 метри. Погоди Драхала од лево, погоди Бабак… Одбраната во еден период моравме да ја спуштиме на 6-0, па потоа повторно се вративме на 5-1. Во прво полувреме таа зона функционираше добро. Сепак, има многу параметри кои не се како што треба. Убаво изгледа ова 11-9, но имавме многу лоши напади, особено со играч повеќе. Технички бевме лоши, напаѓавме далеку од гол, несфатливо за овој натпревар. Ни се повторија истите грешки од натпреварот со Украина. Се договоривме да продолжиме во исто темпо во второ полувреме, ама се случи тоа отворање кое ми е несфатливо. Знаете како, ние сами си промашивме и чесно си загубивме. Решаваа ситниците, а ние ситниците ги немавме. Галија фати во одлучувачки моменти и фати зицери, рече Брестовац.

Според него, треба да бидеме разочарани.

-Јас се уште тврдам дека сме подобри од Чешка, но денеска на бевме на своето посакувано ниво. Вакви израмнети натпревари ги решаваат ситници, а тие денеска беа во корист на противникот. Пресуди стартот на второто полувреме, Чесите влегоа во ритам, погодија тешки шутеви од десен бек, Здрахала втрча меѓу еден и два и погоди со помош на дирекот. Се вративме, дадовме се од себе, но за жал не успеавме да стигнеме до посакуваната победа, изјави Брестовац.

Со поразот од два гола, сега на Македонија ќе и треба победа од најмалку два погодоци над Австрија за да биде сигурен патник во следната рунда.

-Затоа и го земав тој последен тајмаут, за да им дадам до знаење дека е важно дали ќе реализираме. Талески промаши, па сега ќе бркаме „плус два“. Според мене Чешка е подобра селекција од Австрија, но видовте што се случи на теренот пред два дена. Ние нема да се предадеме, ќе дадеме се од себе и ќе се обидеме да стигнеме до триумф што ќе не однесе во следната фаза. Сепак, ова е спорт, математиките на хартија се една работа, а случувањата на терен нешто сосема друго“, истакна македонскиот селектор.

Треба да знаете
Последни објави