Search

Тензично на собирот на СПЦ во Никшиќ: Ни Турците не правеа вака

Верскиот собир против Законот за слобода на вероисповед организиран од Српската православна црква во Црна Гора денеска во Никшиќ, кој беше најавен како ризичен, помина мирно и без инциденти. Сепак, во тензична атмосфера се собраа, според црногорската полиција, шест илјади граѓани.

Митрополитот црногорско приморски, Амфилохије во обраќањето пред собраните верници рече дека црногорската влада со предложениот закон сака да ги одземе храмовите на СПЦ.

– Овие модерни будали сакаат да ги земат храмовите за себе. Ниту Турците не го правеа тоа што го сакаат овие безбожници. Да ги грабнат црквите и да им ги предадат на секти. Оваа група на богати, поранешни титоисти, ги ограби сите претпријатија, а сега сакаат и храмовите. Тоа нема да може, рече Амфилохије.

Во прогласот прочитан од епископот диоклијски, Методиј се наведува дека Законот за слобода на вероисповед е „закон против православието“.

– Во Црна Гора денес властите сакаат на местото на Бог да се постават себе си и партиската држава. Денес во Црна Гора, државата не дозволува уставно загарантирана слобода на религијата, особено на Православната црква, се вели во прогласувањето.

Српската православна црква бара црногорската влада, како што тоа го стори и со Католичката црква и Исламската заедница, да склучи договор со кој се уредуваат прашањата од заеднички интерес.

На граничниот премин Вилуси кај Никшиќ, црногорските граничари не дозволија верниците од Република Српска да влезат во Црна Гора.

Црногорските пратеници следната недела треба да разговараат за Законот за слобода на вероисповед, според кој се предвидува дека сите верски имоти кои биле сопственост на државата Црна Гора пред губењето на нејзината независност во 1918 година, а кои подоцна на соодветен начин не станале законска сопственост на одредена верска заедница, да бидат признати како државна сопственост и да бидат запишани како културно богатство.

На законот најмногу се спротивставува Српската православна црква во Црна Гора, која поседува околу 700 верски објекти.

Треба да знаете
Последни објави