Search

Општина Карпош ги мапираше критичните точки за безбедноста пред училиштата

УЧЕНИЦИТЕ – ДЕТЕКТИВИ НА ПАТОТ

 Критичните точки на патот од училиштето до домот, беа мапирани од ученици од десетте основни училишта во Карпош, во рамки на проектот „Детективи на патот“ – Зелени стапалчиња. Денеска, учениците – учесници во проектот имаа средба со градоначалникот Стефан Богоев и пред него ги презентираа главните препреки, критични безбедносни точки во сообраќајот на патот од нивниот дом до училиштето.

Најпрво, учениците и наставниот кадар изразија благодарност што врз основа на ланскиот извештај од проектот, е унапредена безбедноста пред сите основни училишта и Општината постапила по нивните насоки.

Поставени се „лежечки полицајци“ пред училиштата: „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Вера Циривири Трена“ и „Братство“, а во тек е и поставување на вакви платформи и пред „Војдан Чернодрински“ и „Христијан Тодоровски Карпош“.

Исто така, минатата година учениците предложија „Прашка“ да биде еднонасочна и овој предлог веќе е реализиран, откако општинските служби, Градот Скопје и СВР Скопје утврдија дека е возможно такво сообраќајно решение.

Од оваа учебна година, пред сите училишта има и задолжени лица за регулација на сообраќајот, со цел да се овозможи полесен пристап на младите до образовната установа.

Учениците денеска споделија нови препораки и сугестии за надминување на проблемите. Зборуваа за обележување на пешачките премини, ослободување на тротоарите од возила, поголемо користење на велосипеди и електрични тротинети, засадување на ново зеленило, уредување на училишните дворови, нови детски игралишта и слично.

Градоначалникот Богоев им се заблагодари на учениците за споделеното и посочи дека тие навистина и помагаат на Општината, имајќи предвид дека сме во период кога се креира Буџетот за 2020 година и граѓанското учество е важна за да создадеме буџет по потребите на сите граѓани во заедницата.

Извештајот од овој проект ќе биде презентиран и на Самитот за заштита на климатски промени на Обединети нации, којшто оваа година, од 2 до 13 декември, ќе се одржи во Мадрид, Шпанија. Општина Карпош е единствената локална самоуправа од Македонија, која ќе биде застапена со презентација на проект на овој самит.

Треба да знаете
Последни објави