Search

Награди и нови книги на манифестацијата „Битолски книжевни паметења”

Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг”-БКК, викендов ја одржа 9. манифестација „Битолски книжевни паметења” ги додели годишните награди и промовира нови авторски книги.

Наградата „Книжевен круг за критика” се додели на Љубинка Донева за книгата „Исчитување естетики”, а ја промовираше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, наградата „Книжевен круг за поезија” ја доби доби авторот Зоран Пејковски за книгата  „Востаничка правда”, а на културниот настан во Битола беше промовирана од Диме Ратајковски, наградата за книга напишана на македонски јазик од странски автор ѝ припадна на писателката Снежана Алексиќ-Станојловиќ од Србија за книгата „Каселата на сонот македонски” за која што свое излагање имаше Весна Мундишевска-Велјановска; наградата „Книжевен круг за проза” се додели на Петре Димовски за збирката раскази „Сенка на сенката” која ја промовираше Елизабета Јончиќ; додека наградата „Лингва” за превод и афирмација на македонската литература ѝ беше доделена на Искра Пенева од Србија.

Во рамките на културниот настан, се одржаа книжевно претставување на учесниците на манифестацијата, посета на ателје „Солак”,  а беше промовиран и најновиот број на списанието за книжевност, уметност и литература „Раст” за кое говореше главниот уредник д-р Даниела Андоновска Трајковска.

Годинешните „Битолски книжевни паметења” беа збогатени и со промоција на книгата „Чекори кон боговите” од Никола Кочовски, за што пригодна промоторска рече имаше поетот Панде Манојлов, а за гостите од градот, државата и странство концертен музички колаж приредија „Пијано дуо” Марија Шамоска-Буџаковски и Андријана Дукоска.

Манифестацијата на Битолски книжевен круг се одржа со финансиска поддршка од Општина Битола и „Кромберг и Шуберт” Македонија, ДООЕЛ Битола.

Треба да знаете
Последни објави