Search

Грчкиот парламент гласа за измените во законот за студентскиот имунитет, студентите ќе одржат протест

Грчките пратеници денеска ќе гласаат за измени во низа закони донесени од неколку грчки министерства, меѓу кои и промените во законот за академска слобода и студентски имунитет, а паралелно со гласањето, студентите во попладневните часови закажаа протест, jави дописничката на МИА од Атина.

Делот од конкретниот закон предвидува дека „во просториите на високообразовните институции, надлежните органи ги вршат сите нивни законски овластувања, вклучувајќи и интервенција поради извршување прекршоци”, а минатата седмица беше ставен на јавна дискусија.

Конкретниот член од постоечкиот закон од 2017 кој сега ќе се промени, предвидува интервенција на Универзитетите во случај на кривични дела или по одлука на Ректоратот.

Во предлог законот, измените за академска слобода и студентски имунитет, како што објави МИА минатата седмица, се следните:

1.Во високообразовните институции, се гарантира и заштитува академската слобода во истражувањето и наставата што е институционална гаранција за неограниченото и неприкосновено научно размислување, истражување и настава.

2. Академската слобода, како и слободното изразување и ширење идеи, се заштитуваат во сите области на високообразовните институции од било кој што би се обидел да ги укине или ограничи.

3. Во просториите на високообразовните институции надлежните органи ги вршат сите нивни законски овластувања, вклучувајќи и интервенција поради извршување прекршоци.

Во образложението доставено до грчкиот Парламент, објаснето е дека се злоупотребува концептот на академска слобода, особено преку неможноста или спречувањето на властите да интервенираат во просториите на Универзитетите „за случаи што немаат никаква врска со истражување, настава и слободно изразување и ширење на идеи”, а како примери се наведени психолошко или физичко насилство, малтретирање на студенти и професори, нанесување штети на просториите и објектите, подготовка на запаливи и експлозивни материјали, трговија со дрога, развој на нелегални активности.

Ректори на Универзитети во Грција, мината седмица, за грчката новинска агенција АНА-МПА, позитивно ги коментираат измените во конкретниот закон.

Сепак, студентите не го делат нивното мислење и за попладневните часови, во Атина, закажаа протест за да го изразат нивното незадоволство од измените во законот.

 

Треба да знаете
Последни објави