Search

Реган во разговор со Никсон: Видете ги тие мајмуни од Африка, неудобно им е во чевли

Поранешниот американски претседател, Роналд Реган, во телефонски разговор од 1971 година со тогашниот претседател Ричард Никсон, африканските делегати во Обединетите нации ги опишува како мајмуни.

Ова се слуша на новооткриени снимки објавени од американскиот магазин „Атлантик“, пренесе Би-би-си.

Реган, кој во тоа време бил гувернер на Калифорнија, бил лут бидејќи делегатите на Танзанија во Обединетите нации гласале спротивно од позициите на САД.

Членовите на танзанската делегација започнале да танцуваат по гласањето со кое ОН ја признале Кина, а го исклучиле Тајван.

Реган, кој го поддржувал Тајван, следниот ден го повикал американскиот претседател и го изразил своето незадоволство.

„Видете ги овие… мајмуни од тие африкански земји, проклети да се, се гледа дека уште им е неудобно во чевли“, вели Реган во телефонскиот разговор.

На снимката се слуша како Никсон кој си поднесе оставка во 1974 година, се смее.

Снимката ја откри Тим Нафтали, професор по историја на универзитетот во Њујорк кој управувал со претседателската библиотека на Никсон од 2007 до 2011 година.

Тој го објави неговото откритие во магазинот „Атлантик“ и напиша дека расистичките забелешки биле избришани од оригиналните снимки под образложение за заштита на приватноста.

Нафтали објасни дека со судска наредба е наложено снимките одново да се прегледаат, бидејќи по смртта на Реган во 2004 година, правилото за приватност веќе не важело.

Треба да знаете
Последни објави