Search

Младинскиот камерен оркестар „Саша Николовски-Ѓумар” ќе настапи на „Скопско лето”

На претпоследниот ден од годинашната фестивалска програма,  „Скопско лето” вечер од 20.30 часот во Сули ан ќе организира концерт на Младинскиот камерен оркестар „Саша Николовски-Ѓумар” на Музичката младина на Македонија.

 Диригент на концертот е Олег Кондратенко, а како солисти ќе настапат виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски. Од Дирекцијата на фестивалот соопштија дека алтернативен простор во случај на невреме ќе биде Музејот на македонската борба. Влезот за посетители е слободен.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (МММ) е основан во 1986 година како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид. Ансамблот е  составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од гости и млади музичари од други земји.

Оркестарот има реализирано повеќе од стотина концерти. Покрај класичен репертоар, изведува и современи дела, вклучително и од македонски автори. Има остварено повеќе телевизиски и радиоснимки, како и сопствена ЦД-продукција.

Завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е постојан дел на програмата на фестивалот „Охридско лето”, а во изминатите десет години и на манифестациите „Скопско лето” и „Битолско лето”. 

Треба да знаете
Последни објави