Search

Милошоски: Само пренесував информации објавени во повеќе медиуми, најави тужба до белорускиот конзул

По објавениот демант од страна на Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје во врска со информациите што Антонијо Милошоски ги изнесе вчера на собраниската говорница, на „Фејсбук“ се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој објасни дека наводите што ги презентирал претходно биле пренесени од најмалку 5 медиуми и дека станува збор за прашање од јавен интерес.

„Сосема легитимно за секој пратеник е до Владата да постави прашање од јавен интерес дали тие медиумски наводи за барање рекет на фирмите што работат во РЕК ‘Битола’ се точни“, пишува Милошоски во својата објава на „Фејсбук“, со која се обраќа до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, за кој забележува дека е сопственик на „Марковски компани“ од Битола.

Пратеникот Милошоски на вчерашната седница на Собранието, посветена на пратенички прашања, истакна дека во кабинетот на премиерот Заев дошол белорускиот амбасадор за да разреши спор во врска со случај во кој на бизнисмен од Битола, познајник на амбасадорот, му бил побаран рекет од 250 илјади евра.

Тврдењето беше демантирано од премиерот Заев, а денеска следуваше и демант од Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје, од каде што порачаа дека се работи за лажни вести и најавија протестна нота во врска со изјавата.

Меѓутоа, Милошоски смета дека секој пратеник има должност да коментира и изнесува теми што медиумите ги објавиле и се од јавен интерес, така што поради демантот дека како пратеник изнел лажни вести, се закани со тужба до почесниот конзул на Белорусија. Претеникот на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека ваквите обвинувања не одговараат на вистината и ги смета за навреда и клевета со која му се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на неговите обврски како пратеник.

„Вие сте одлучиле со известување во име на Почесниот конзулат, без претходно да побарате информација од мене, без претходно јавно да реагирате до медиумите што пренеле наводи за барање рекет на фирми во РЕК ‘Битола’ како тема од јавен интерес, да тврдите дека ‘од страна на пратеник се извадени лажни вести’, што не одговара на вистината и го сметам за навреда и клевета со која му се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на моите обврски како пратеник. Дали Вие ќе полемизирате или ќе ги демантирате медиумите што дојавуваат дека на приватни фирми им се бара рекет за тендери, не Ви се мешам, тоа е Ваша лична одлука и како почесен конзул и како стопанственик со ‘Марковски компани’. Повеќе детали и објаснување на оваа тема ќе добиете на Вашата официјална имејл-адреса од страна на мојот адвокат“, наведува Милошоски во објавата упатена до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, и бара од него да објави извинување и повлекување на неговата изјава, а во спротивно пратеникот најави дека ќе ги преземе преостанатите законски можности.

Во прилог како доказ на неговите тврдења пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ приложува и линк од неговиот настап во Собранието, во кој, како што вели, може да се чуе прашањето упатено до премиерот за тоа дали се точни информациите и наводите што ги пренесуваат медиумите.

Треба да знаете
Последни објави