Search

„Експеримент“ утре на репертоарот на МКЦ, за последен пат во оваа сезона

Последната изведба сезонава на театарската претстава „Експеримент“, во продукција на здружението АРТОПИЈА е закажана за утре, во 21 часот во сала Фросина во МКЦ.

Tеатарската претстава е по текст и режија на Јане Спасиќ, а во неа играат Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Мартин Јорданоски, Симона Спировска Костовска, Матеја Јанковска, Марија Јанчевска, Михаел Стојановски.

Главна инспирација за претставата е книгата “The Lucifer Effect” на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот.

Група на фантазмагорични суштества, буфони, ги поседуваат сите искуства и мемории на човештвото. Нивна единствена цел е да го набљудуваат човекот, да бидат негово „критичко огледало“ и еднаш годишно да „мигрираат“ во реалниот свет за да му укажат на грешките. Доаѓа денот од годината кога треба да се „мигрираат“ во реалниот свет и повторно да огласат пред луѓето, но по кратко согледување на ситуацијата буфоните констатираат дека човекот постојано ги повторува истите грешки и нема капацитет да согледа дека тоа го води кон самоуништување. Решаваат да го откажат доаѓањето во реалниот свет бидејќи им се чини бесцелно, но сепак, еден од буфоните не сака да се откаже од човекот, наоѓа уникатен мемориум и успева да ги убеди дека можеби треба да се огласат за последен пат…

Сценографија: Кирил Василев
Костимографија: Бранкица Јорданоска
Монтажата на видеоматерјали: Горјан Атанасов
Дизајн на плакат: Кристина Горовска
Технички координатор: Кирил Мечалов
Продуценти: Филип Николовски, Наташа Петровиќ и Радослав Гогушевски

Треба да знаете
Последни објави