Search

Концерт на дуото Дарбеле – Камакаро на 42. Денови на македонска музика

Дуото Ноел-Ан Дарбеле (виолина, глас) и Рене Камакаро (виолончело) вечер ќе одржи концерт во Даут-пашиниот амам, во рамки на 42. Денови на македонска музика.

На програмата се дела од авторите Жан-Лик Дарбеле, Хајнц Холигер, Жорж Апергис, Алфред Цимерлин, и од македонските автори Бојана Петровиќ – Алексова, Михаило Трандафиловски. Светска премиера ќе доживее и композицијата „Седум автопортрети за виолончело и лента” (2018) од композиторот Александар Пејовски.

Ноел-Ан Дарбеле е родена 1980 година во Берн и израснала во музичко семејство. По студиите на Универзитетот за уметности во Утрехт (Холандија) со Карен Турпие, магистрирала на Универзитетот за музика во Женева под водство на Штефан Мументалер, кому сега му е и асистент. Значајно за нејзиното образование биле и работата со Давид Такено, Феликс Андриевски, Бруно Канино и Зигфрид Палм, како и со Јулија Шредер во однос на барокната виолина. Како солист настапувала на многу фестивали.  Покрај нејзината работа како камерен музичар која ја одвела на бројни престижни подиуми во Европа и Азија, Ноел-Ан Дарбеле е многу активна на полето на новата и експериментална музика. Неодамна издала ЦД за „Challenge records” со нејзиниот брат, францускиот хорнист Оливие Дарбеле и пијанистот Бенjамин Енгели.

Рене Камакаро е роден 1989 во Мадрид. Почнал да учи виолончело на осум години со Хозе Мигуел Гомез, челист од Триото Арбос. По завршувањето на образованието со него со највисока оценка, бил поканет да го изведе Хајдновиот Концерт за виолончело во Це-дур со Оркестарот Хоакин Турина. На осумнаесетгодишна возраст бил примен на реномираната „Guildhall School of Music London” каде најпрвин студирал со Луиз Хопкинс, а потоа продолжил на Универзитетот во Берн со Антонио Менезес. Има одржано рецитали по цела Шпанија, а редовно свири на фестивали во Европа и Швајцарија, каде сега живее. Премиерно извел неколку дела од современи композитори и самиот компонира.

Треба да знаете
Последни објави