Search

Книгата „Не одам никаде” на Румена Бужаровска на пазарите во Србија, Хрватска, БиХ и Словенија

Второто издание на најновата збирка раскази „Не одам никаде” од Румена Бужаровска е во продажба. Книгата наскоро ќе се појави и на пазарите во Србија, Хрватска, БиХ и Словенија.

– Најновата, четврта книга раскази на Румена Бужаровска (1981), „Не одам никаде” (издание на „Или-Или”) е можеби пресвртната точка во пишувачкиот опус на оваа раскажувачка. Бескрупулозен критичар на македонското секојдневие и на ликовите од него, Румена отсекогаш ги туркала своите приказни до самиот раб на гротеската, во духот на најдобрата традиција на американскиот расказ. Бидејќи тематски и изразно, ова е ткивото на сите три претходни збирки, дилемата пред излегувањето на оваа последна збирка беше дали авторката има да каже нешто ново и дали својот препознатлив израз може да го издигне до нова творечка височина. Прочитот на седумте подолги раскази во оваа збирка е бездруго и несомнено потврден одговор и на двеве прашања, вели писателката Елизабета Баковска.

Според неа, тоа што оваа збирка, пишувана, како што кажува и Румена, во Македонија, но и во Хрватска и во САД, ја издвојува од претходните, е фокусирањето на дихотомијата Македонци-странци, или Македонија-странство.

– Во оваа нова перспектива, авторката не само што храбро ја гази линијата на иронијата и гротеската (и во областа на личното и интимното, и во областа на општественото), туку таа и се ослободила од секаква резерва и автоцензура, па длабоко зацрпела од сета површност, бесмисла и апсурд на моментот во кој живееме за моќно да ги раскаже приказните и на „нашите” и на странците, и на странците кај нас, и на нашите во странство, вели Баковска.

Треба да знаете
Последни објави