РСБСП: Пешаците и понатаму се една од најзагрозените групи учесници во сообраќајот

Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана. Искуствата и анализите покажуваат дека кај пешаците, недостасува чувство за нивното активно учество во сообраќајот и недостасува одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот.

Ваквото однесување на пешаците во сообраќајот резултира со голем број загинати и повредени пешаци. Една од причините зошто пешаците толку многу страдаат во сообраќајот, покрај грешките на возачите и несоодветната сообраќајна инфраструктура, секако е непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна.

Црната статистика за 2017 година покажува дека 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои, дури 17 се на возраст над 65 години, а 914 пешаци се сериозно повредени. Во 2018 година, 27 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 14 се на возраст над 65 години, а 861 пешак е сериозно повреден.

РСБСП потсетува дека пешакот е должен да ја помине улицата на пешачки премин откако ќе се увери дека тоа може да го направи без да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно откако ќе се увери дека возилата што се движат на коловозот се во можност безбедно и навреме да застанат.

РСБСП апелира: За да имаме побезбеден сообраќај, за во сообраќајот да нема жртви, крајно време е да почнеме да ги менуваме навиките и културата на однесување во сообраќајот. Да почнеме од себе, за да придонесеме за безбедноста на сите учесници во сообраќајот!

Треба да знаете
Последни објави