Евроамбасадорот Жбогар на дебата со средношколците од Кочани на тема „Визијата на младите за ЕУ”

Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар денеска престојуваше во Кочани, при што во рамки на кампањата „ЕУ за тебе” учествуваше на дебата со средношколците од СОУ „Љупчо Сантов”.

– Наша цел е да добиеме директни сознанија што мислат младите, како тие ја гледаат и што очекуваат од ЕУ. Кампањата ја започнавме минатата година, при што посетивме поголем број општини и разговаравме со граѓаните, а сега сакаме да го слушнеме ставот на учениците, затоа што тие ќе бидат идните граѓани на Унијата. Интересно беше да се слушне прашањето што ЕУ ќе добие од зачленувањето на Северна Македонија, за што вистинскиот одговор е дека енергијата и ентузијазмот што ги гледаме кај вас е она што нам ни треба и тоа е огромниот бенефит за сите земји членки, истакна Жбогар.

Младите од Кочани се интересираа и за придобивките што нашата држава ќе ги има во однос на почитувањето на правната регулатива и нејзиното усогласување со европските стандарди, за можностите за полесен пристап до универзитетите во земјите од Унијата, како и за подобрување на економските услови во нивното место на живеење.

Дебатата со кочанските средношколци се реализираше во рамки на проектот „Младинско изразување”, финансиран од ЕУ, чиј носител е невладината организација Младински образовен форум (МОФ) која води 15 младински клубови во осум општини ширум земјата.

Општината Кочани е втора дестинација во серијата посети на тема „Визијата на младите за Европските Унија” фокусирани на младите во нашата држава, при што преку интерактивен пристап тие добиваат непосредни информации за придобивките и перспективите што ги нуди зачленувањето во ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави