Search

МТСП: Градоначалникот на Куманово не постапи според овластувањата

Министерството за труд и социјална политика реагира по прес-конференцијата на градоначалникот, Максим Димитриевски, коментирајќи дека ги одзело ингеренциите за управување со градинките на Општина Куманово заради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата.

„Градоначалникот Максим Димитриевски не постапи според своите овластувања во рамки на дадениот законски рок и ова е единствената причина за одземање на ингеренциите на општината. Сите други укажувања кои ги изнесува Димитриевски се лажни и апсурдни“, реагира МТСП.

Од Министерството велат дека за отпочнување на постапката за одземање на ингеренциите биле известени од страна на Управниот одбор на градинката по што МТСП постапило согласно со законската регулатива.

„Оваа одлука е донесена откако при вршење надзор на работата беа утврдени недостатоци во спроведувањето на постапката за распишување оглас за директор на детски градинки. На градоначалникот му беше дадено укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите, преку уредно примен допис на 4 јануари. Откако градоначалникот не постапи според даденото укажување, Министерството за труд и социјална политика ги презема ингеренциите за управување со градинките на период од 1 година, согласно со членот 201 од Законот за заштита на децата“, се вели во реакцијата на Министерството.

Оттаму додаваат дека освен на Куманово, ингеренциите по истата основа пред околу еден месец биле одзеземни и на Општина Струга. Целта на ваквото постапување, според Министерството, е да се овозможи непречено работење на градинките и да се гарантира квалитетна грижа за децата.

Од МТСП потенцираат дека постапка за одземање на ингеренциите во двете општини е водена целосно согласно со законските прописи и нема никаква основа за преиспитување на овие одлуки.

Претходно, Димитриевски изјави дека решението е неиздржано, тендециозно, селективно и пристрасно и има за цел директно да го инволвира Министерството за труд и социјална политика во кадровскиот избор на директор на детската градинка. Тој ја повика министерката за труд и социјлна политика, Мила Царовска, да го преиспита оваа решение, да го повлече и надлежноста да ја врати на Општина Куманово.

Треба да знаете
Последни објави