Царовска: Околу 80 проценти од жените жртви во Македонија се убиени од интимните партнери

Приватно иста како што ја гледате службено. Посветено и неуморно работи за сето она што верува дека е правилно и се труди да ги инспирира сите да го дадат најдоброто од себе во секое поле од живеењето. Ова е Мила Царовска министерката за труд и социјала. За24 инфо вели дека слободното време го поминува со најблиските, а ја релаксира кога знае дека успешно го завршила денот.

Со реформите кои ги спроведува Министертсвото за труд и социјала се зголемува бројот на лицата со социјална заштита. Ова значи дека и децата на вработени кои земаат минималец ќе може да земаат детски додаток. Во бројки ова значи дека бројот на деца кои ќе примаат детски додаток од 3.200 корисници ќе порасне на 73.500. Дополнително се воведува ново право – додаток за образование, наменето за деца во основно и средно училиште и од семејства со ниски примања и за деца на корисници на гарантирана минимална помош. Со ова, борјот на деца кој ќе примаат образовен додаток ќе порасне од 3.800 на 64.316.

Со реформите во социјалната заштита, воведуваме гарантирана минимална помош и „семеен пакет на права“ во износи значително поголеми од досегашната парична поддршка на социјално загрозените лица и го отвораме системот на социјални надоместоци и за лицата со ниски примања, што не беше случајот досега. Меѓутоа, со социјалната реформа не само што зголемуваме социјалниот надоместок за 300%, туку истовремено вложуваме во преквалификација на лицата кои се невработени, за да може да се активираат на пазарот на трудот. Единствен излез од сиромаштијата е вработувањето. На овој начин всушност им помагаме да се доквалификуваат, да се вработат, да можат да се грижат за себеси, за своето семејство и активно да придонесуваат за ова општество- вели Царовска.

Откако е на чело на МТСП посветува многу внимание и на детската заштита. Со процесот на деинституционализација децата ги вади од големите безлични инстуции и ги сместува не само во згрижувачки семејства, туку и во мали групни домови.

Работиме навистина посветено на ова поле, за да овозможиме дом за секое дете. Особено ми е драго што можам да потврдам дека овој процесот на тече одлично и до крајот на 2018 година вискои 60% од децата ќе бидат извадени од институциите. Така, ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25-ти мај“ е целосно трансформиран. Сите деца од овој дом веќе живеат во мали групни домови. Лично сметам дека овие институции се најлошото нешто што може да му се случи на едно дете. Таму место посветеност и грижа тие добиваат занемарување, кое понатаму придонесува кон немили случки како оние кои ги имавме досега.  Посветено работиме ниту едно дете под 18 години до 2020 година да не биде сместено во големит институции, што е амбициозно, но остварливо. Преку проектот „На секое дете му треба семејство“, организиравме обуки и доделивме сертификати на згрижувачите. Целта на проектот беше зголемување на информираноста и зајакнување на свеста на граѓаните за потребата од згрижување на децата кои останале без родители и родителска грижа. Како резулат на кампањата 295 граѓани пројавија интерес за згрижување до крајот на август оваа година. Вкупно 37 од нив ја завршија обуката- вели Царовска.

За насилството врз жените вели дека статистиките покажуваат дека повеќе од 80 % од жените жртви во Македонија се убиени од интимните партнери или машки членови на семејството.За неа  тоа е доволен сигнал да го вклучиме алармот дека мора да воспоставиме механизам за навремено препознавање на ризикот. Царовска вели дека треба да бидеме свесни дека секој од нас може да спречи насилство врз жената, и да создадеме услови истото да се пријавува.

МТСП во соработка со граѓанскиот сектор, финансира центар за лица жртви на семејно насилство, кризен центар 24/48 часа и Национална мобилна СОС линија. Јас и од сегашното работење како министерка и од граѓанскиот сектор лично ги познавам голем дел од жртвите коишто се соочуваат со суровоста на системот и тој систем го менуваме. Јас сум застапник на тоа дека жртвата во прво време не треба да оди ни кај брат, ни кај мајка, туку треба да се одвои, да биде сама со своите деца во шелтер центар за да има можност за психо-социјална поддршка стручна, не комшиска, како што обично порано се правеше. И да таа поддршка даде можност да таа одлучи што понатаму со сопствениот, живот, дали ќе остане 6 месеци во шелтер, системот да и понуди поддршка- вели министерката.

Тепањето на децата како воспитна мерка е често присутна во балканските семејства.Царовска вели дека секој може да биде подобар родител, и родителството е нешто што се учи. Во над 15 градинки низ Македонија во функција се ставени и советувалишта за родители, чија цел да работат токму на развој на успешното родителство.

Секое искуство на детето влијае на начинот на кој тоа размислува, се чуствува, однесува и учи понатаму во животот. Она што го зборуваме дома, начинот на кој воспитуваме нашите деца се одразува на нивното однесување надвор од домот и директно влијае на создавањето на позитивно општество. Секој од нас треба да е свесен дека иако љубовта ни доаѓа придодно, родителството навистина се учи. Да се трудиме да бидеме подобри родители, за нашите деца и за посветла иднина- вели првиот човек на Министертсвото за труд и социјала.

Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (FAO), како држава сме рангирани на осмото место во светски рамки по количина на фрлена храна според бројот на жители, а истовремено, спаѓаме во групата на петте најралниви земји во ЕУ од влијанието на климатските промени. Ова е загрижувачки податок, ако се има предвид фактот дека сме меѓу најсиромашните земји во ЕУ, со апсолутна сиромаштија на околу 120,000 лица, од кои околу 65,000 деца, а истовремено се фрлаат околу 10,000 тони храна на годишно ниво, во вредност од 12 милиони евра.

Од овие причини МТСП го поддржува решавањето на ова прашање кое сигурно може да им обезбеди оброк на најзагрозените. Веќе се преземаат и конкретни мерки по ова прашања, МТСП веќе со години го спроведува проектот Народни кујни, а оваа  година заедно со ФИТР објавен е повик со наслов „ОБРОК ЗА СИТЕ“ каде треба да се имплементира предлог иновативно решение и доколку се покаже како успешно да се преземе во проектот Народни кујни. Решението нема да биде едноставно, но ако има воља од сите страни се надевам дека на крајот ќе успееме да најдеме соодветно, пред се практично решение

Во однос на булингот, Царовска вели дека однесувањето на децата надвор од домот е само манифестација на тоа што им се случува дома. Токму поради тоа смета дека се потребни се повеќе кампањи, како „И родителството се учи“, за да се подигне свеста дека родителските вештини навистина може да се научат и подобрат.

На овој начин не само што ќе станеме подобри родители за нашите деца, туку и ќе дадеме поквалитетни идни генерации и поубаво општество. Истовремено, мора да се погрижиме за институциите кои се грижат за нашите деца, а со години биле запоставени. Затоа, паралелно со зголемување на капацитетите на градинките, целосно го трансформираме предучилишното образование и начинот на кој државата се грижи за децата. Градинките не се само места каде децата јадат и спијат, туку институции кои ги создаваат идните генерации. Со сето ова верувам дека ќе успееме да ги искоренеме негативните појави, како булинг и ќе создадеме подобори услови за раст и развој на нашите деца, кои се всушност иднината на нашата држава.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави