Search

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ само се фали со тоа што ние го направивме во железничкиот сообраќај

Фактот што Македонија нема пруга кон Бугарија е главна вина на СДСМ, кои оставија празни столбови како споменик на никогаш незавршениот проект, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес-конференцијата на Диме Велковски од владејачката партија кој денеска зборуваше за инвестициите во нова патна и железничка инфраструктура.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека за разлика од СДСМ тие му дале значење на коридорот 8 и започнале со изградба на првата фаза на железничката линија од Куманово кон границата со Бугарија.

„Изградбата на пругата Куманово – Бељаковце е проект на ВМРО-ДПМНЕ кој е започнат и доведен во напредна фаза на реализација од владата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ само се фали со тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направи. Делницата на пругата од Бељаковце до границата со Бугарија е со обезбедена проектна документација од страна на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ наместо да продолжи со исто темпо да гради ги забави активностите на истата“, се наведува во реакцијата на опозициската партија.

Од таму додаваат дека на полето на железничкиот транспорт и инфраструктура владата на ВМРО-ДПМНЕ набавила и 150 вагони од различни типови за товарен превоз во вкупна инвестиција од 15 милиони евра, а реализирала и набавкана 6 нови патнички возови од кои 4 се дизел-моторни гарнитури и 2 електромоторни гарнитури.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Железничката инфраструктура како и се друго во државата трпи поради неспособноста на СДСМ.

„Власта која ја зацрни државата во реалноста не прави ништо, токму затоа треба да си замине пред штетите што ќе и ги причинат на државата да бидат преголеми“, истакнуваат од опозициската партија.

Треба да знаете
Последни објави