Search

Министерството за правда подготвува Закон за надомест на жртвите од кривични дела

Министерството за правда планира изготвување Закон за надомест на жртвите од кривични дела. Ова денеска го соопшти министерката за правда Рената Дескоска на вториот ден од меѓународната конференција на високо ниво во рамки на стратешкиот дијалог на регионална соработка за борба против недозволената трговија што се одржува во Сиракуза.

Како што информира Министерството за правда, Дескоска ги презентираше предизвиците со кои се соочуваме како држава во поглед на недозволената трговија и го презентираше инстуционалниот одговор против ваквата трговија – активностите кои Владата на Република Македонија ги презема во справувањето со сите облици на недозволена трговија.

Според министерката, недозволената трговија претставува комплексен проблем кој во себе вклучува голем број сегменти како трговијата со луѓе и мигранти, недозволената трговија со оружје, дроги и културни добра и слично.

Мнистерката Дескоска, како што се наведува, истакна дека во нашиот правен систем се вградени сите механизми за успешно справување со организираниот криминал, како: заштитата на сведоци, одговорноста на правните лица, проширената конфискација, посебните истражни мерки и други бројни алатки кои им ја олеснуваат работата на органите на прогонот.

-Не смееме да ја заборавиме и другата страна на овој вид криминал, посебно кај трговијата со луѓе, а тоа се жртвите. Во Министерството за правда е планирано изготвување Закон за надомест на жртвите од кривични дела. Исто така, во измените на Кривичниот законик кои се во тек, согласно препораките на ГРЕТА вградуваме одредби за неказнување на жртвите од трговија со луѓе за нивна неказнивност за сторени дела поврзани со нивната позиција на жртва, потенцираше Дескоска на меѓународната конференција.

Треба да знаете
Последни објави