Search

„Вардар“ му се реваншираше на „Кјелце“ со минимална победа

Ракометарите на „Вардар“ минимално триумфираа против Кјелце со  28:27 за враќање на втората  позиција од групата А од Лигата на шампионите. Ова беше прва победа на „црвено-црните“ по двата порази од „Барселона“ и ремито со „Мешков“ во ЛШ, но и реванш за првиот пораз сезонава во Полска.

„Вардар“ беше доминантен во текот на целиот натпревар, па највисоката предност ја имаа во 23 минута 12:7, а во овој период од натпреварот Дејан Милосављев одбрани неколку зицери и успеа да го сопре налетот на гостите. Сепак, на полувремето беше 14:11 за „Вардар“.

Гостите подобро отворија на стартот од продолжението, намалија на два гола разлика, но „Вардар“ се врати на четири разлика со двата гола на Даинис Криштопанс. Домаќините со играч ја одржуваа предноста од , а во 41.минута пак беше пет разлика 21:16. „Кјелце“ не се предаваше, па во завршните петнаесетина минути успеа да намали на 23:21, а потоа и на 24:22.

Во клучните моменти за Вардар, мирна рака имаше Иван Чупиќ и со два гола во серија не им дозволи на гостите да стигнат на гол негатива. Атмосферата се вжешти во завршницата на мечот, Лијевски доби исклучување, а Дисингер ја искористи ситуацијата да зголеми на 26:23.

На спротивната страна возврати Алекс Душебаев со неговиот петти погодок, а деветтата одбрана на Цупара на „Кјелце“ му отвори нова шанса да дојде на гол негатива која успешно ја релизира Блаж Јанц и намали на 26:25. По промашувањата од двете страни  Дисингер на три минути до крај погоди, но брзо возврати Лука Циндриќ. На неполни две минути пред крајот  Игор Карачиќ го постигна победоносниот гол за „Вардар“, бидејќи Калифа Гедбан ја постигна својата прва одбрана и не дозволи изедначување.

Криштопанс со пет и Скубе со четири гола беа најефикасни во составот на „Вардар“, а кај „Кјелце“ прв стрелец со пет гола беше Алекс Душебаев.

Натпреварите од групната фаза во ЛШ продолжуваат во февруари, а во првиот дуел по паузата „Вардар“ ќе му гостува на „Рајн Некар Левен“.

Треба да знаете
Последни објави