Search

Станале милионери откако во фиока пронашле заборавено лото ливче

На брачна двојката од американската сојузна држава Луизијана добро им дошло чистењето на станот во пресрет на Денот на благодарноста, бидејќи во текот на таквите домашни работи пронашле добитно лото ливче, пренесе „Би-би-си“.

Тина Еренберг за локалните медиуми изјавила дека нашла куп стари ливчиња во еден од шкафовите додека го чистела домот, што требало да биде подготвен за пречек на семејството по повод Денот на благодарноста.

Сепак, едно од пронајдените ливчиња на семејството му донело добивка од 1,8 милиони долари. Добитното ливче брачната двојка го пронашла околу две недели пред истекот на крајниот рок.

„Ја проверувавме добитната комбинација безброј пати“, рекол Харолд Еренберг во седиштето на лотаријата.

Тој додадал дека постојано очекувале нешто да тргне во погрешна насока, пред официјално да ја добијат наградата.

Двојката живее во Мандевил, гратче недалеку од главниот град на Луизијана, Батон Руж.

По одбивањето на државните и федералните даноци, на двојката и останале 1,3 милиони долари – кои решиле да ги чуваат за пензионерските денови.

„Не планираме луд шопинг или големи патувања“, изјавила госпоѓа Еренберг.

Треба да знаете
Последни објави