Search

Тигрестиот комарец ја донесе и опасноста од нилска треска во Скопје?

Агенцијата за храна и ветеринарство деновиве потврди дека на територијата на Македонија е детектиран азиски-тигрест комарец, но се уште нема потврда за заболени лица во земјава

 

Валентина Ангеловска

 

Тигрестиот комарец слета во Скопје, а со тоа и опасноста од зараза со нилска треска. Граѓани веќе реагираа до нашата редакција и со фотографии потврдија дека комарецот е детектиран во околина на населба Ченто.

Од пред неколку дена и Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека на територијата на земјава е детектиран азиски-тигрест комарец.Од нивна страна се врши мапирање на целата територија за да се утврди каде се е проширен овој комарец. Агенцијата спроведува дополнителни програми за евентуално утврдување дали овој комарец има пренесено болести кај животните.

„Ова е веќе втор пат како наоѓам тигрест комарец. Ме фати паника бидејќи знам дека се преносители на нилска треска, а имам мало дете. Ми треба навистина објаснување за ова бидејќи е веќе ноември почната е сезона на грип и незнам по што можам да ги разликувам симптомите ако евентуално се заразиме со нилска треска, вели граѓанинот“.

Професорката по ентомологија на Факултетот за земјодлество и храна, Станислава Лазаревска вели дека присуството на тигрестиот комарец е утврдено во Дојран и во Скопје.

Лазаревска, пак, објаснува дека првата регистрација на тиграстиот комарец во земјава е во периодот јули-август, 2016 година во југо-источниот дел на земја во близина на Грција и со мониторинг утврдени се јајца од тигрестиот комарец.

„Близината со Р. Грција, каде што видот е широко распространет и интензивната размена на луѓе и стоки, било причина за внесување на истиот во земјава, вели Лазаревска“.

Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов овој вид комарец прв пат е детектиран во реонот на Богданци, а оваа година е проширен во Дојран и повеќе општини во Скопје.

Тој појасни дека спецификата на комарецот е да се размножува и да живее на одредени температури и на одредена надморска височина.

„Мамките се поставени оваа година во речиси цела источна Македонија, и се продолжува во другиот дел од државата за да добиеме целосна слика за тоа дали е проширен и во другите краеви, рече Атанасов“.

Епидемиологот од Институтот за јавно здравје, д-р Жарко Караџовски информира дека до денеска нема регистрирано никакви случаи на инфекција, ниту заболување од овој тип комарец во Република Македонија.

Напоменувајќи дека будно се следи состојбата во регионот и во околните држави, како што се Србија, Бугарија, Грција, Албанија и други, информира дека таму има регистрирано поголем број заболени лица, дури и смртни случаи.

Караџовски посочи дека симптоми од убод од тигрест комарец се црвенило на кожата, оток, слабост, малаксаност, главоболка, тегоби, повишена температура, но сепак, потенцира, не значи дека се работи за убод од овој комарец.

Превентива за населението при одење во шумски предели, во паркови, појасни е мачкање на сите откриени површини, како и бела облека за да може да се забележи комарецот ако е на вас.

„Не постои ризик од некои заболувања односно ризикот е безначаен, заради тоа што согласно временската прогноза ќе се залади, а таа температура воопшто не му одговара на комарецот за да може да се размножува. Се размножува во многу мало количество вода, дури и во чаша или тацна што се навадуваат цвеќиња, застоени гуми, води…. Овој комарец го хибернира зимскиот период и станува активен од март па натаму, а најголема активност покажува јуни, јули и август, рече Караџовски“.

Институтот, подвлече, бара во иднина секоја локална самоуправа да одвои дел од општинските буџети и да превенираат ДДД на водени, шумски и ливадски површини.

„Подготвени сме за вакви активности поврзани со климатските промени. Во 2012-2013 година издадена е брошура за поврзаноста на климатските промени со појавата на инфективните заболувања во РМ, како и безброј брошури за појавата на комарците, заштита од убод на комарец и од крлежи, информира меѓу другото епидемиологот од Институтот за јавно здравје д-р Жарко Караџовски“.

 

Треба да знаете
Последни објави