Search

Спасовски: Треба да имаме договор околу националните интереси, а не околу криминалот – не поддржувам амнестија за 27 април!

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во магазинот „360 степени” на Алсат М телевизија, во однос на предлог законот за целосна амнестија на сите осудени од 27 април, поднесен денеска од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше дека е апсолутно против таков закон.
„Неказнивоста може да предизвика нови проблеми. Се сеќавате на 24 декември 2012 година кога од страна на државата, преку злоупотреба на полицијата беа исфрлени и пратеници и новинари од парламентот за да се донесе буџетот и задолжувањата кои им беа потребни на тогашната Влада?! Тогаш никој не презема ниедна мерка за да се истражи тој случај и да се утврди евентуална одговорност – дисциплинска, политичка или кривична. И тогаш укажував дека ако остане состојбата неказнета ќе ни се случи нов случај, и на крај сите знаете дека ни се случи 27 април, кога беше нападнато демократското и уставното уредување,” истакна министерот Спасовски.
Во однос на тезата дали е сепак можно во политички пазар ВМРО-ДПМНЕ да поддржи уставни измени, а СДСМ да го поддржи Законот за целосна амнестија за 27 април, Спасовски дециден:
„Ние треба да имаме договор околу националните интереси, а не околу криминалот. Треба да разговараме и да постигнеме консензус околу остварувањата на националните интереси, а тоа е нашиот пат кон Европската Унија.”
Спасовски истакна дека националниот консензус за иднината на државата во Европската Унија не треба да биде само во вид на декларативни заложби: „Ако сме сите реално за нашиот пат кон Европската Унија – не само декларативно – треба да постигнеме консензус по тоа и да ги поминеме сите потребни чекори. Отворањето на Уставот е само првиот дел од тоа. Во текот на преговорите над 150 пати ќе биде потребно двотретинско мнозинство за измена на нашето законодавство преку кое ќе го докажуваме тој консензус”.

Треба да знаете
Последни објави