Search

Нимиц: Средбата Заев – Ципрас е историска

Нимиц: Средбата Заев – Ципрас е историска

Позитивна, важна и од историско значење е средбата меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас, вака оцени медијаторот на обединетите нации во спорот со името, Метју Нимиц.

Постои динамика за да дојдеме до решение на проблемот, изјави Нимиц за грчките медиуми, и напомена дека во соработка со меѓународната заедница, а особено со Вашингтон, Брисел и Берлин, може да се постигне заемно прифатлив договор.
Двете земји имаат историска можност конечно да го надминат проблемот и таа треба да се искористи, вели Нимиц.

„Средбата меѓу премиерите Ципрас и Заев во Давос беше позитивна и важна, една средба од вистинско историско значење, ако конечно доведе до решавање на важните разлики меѓу двете соседни земји. Време да се интензивираат разговорите во врска со условите за еден конечен договор, со претпазливост на прашањата што беа истакнати од двајцата премиери“, изјави Нимиц.

Повикувајќи се на извори од Обединетите Нации, грчкиот весник „Катимерини“ наведува дека медијаторот предлага широка употреба на новото име од моментот кога земјата ќе се интегрира во Европската унија, но не и пред завршувањето на интегративниот процес. Во меѓувреме, новото име ќе се користи во сите меѓународни организации.

А во пресрет на посетата на Нимиц на Скопје и Атина која ќе се случи оваа недела, синоќа средба имаа лидерите на политичките партии заедно со претседателот Иванов. Сепак, никој од нив не сакаше да изнесе детали за тоа дали е прифатлив предлогот на медијаторот и дали постои усогласеност меѓу политичките субјекти во државата.

Според премиерот Заев може да се дојде до национален консензус додека пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека од овој момент па натаму, владата е одговорна за водење на преговорите.

„Да се обидеме да размениме мислења, да разговараме отворено за овие прашања, како нашата позиција во процесот би била подобра во функција на конечно решение, напоменувам, не на одложување туку на решение на овој долгогодишен проблем“, рече Заев.

„Од овој момент па натаму, целокупниот процес за водење на преговорите поврзани со овој спор кој што Република Македонија со соседна Република Грција го води владата. Тој спор треба да продолжи и понатаму да го движи“, изјави Мицкоски.

Покрај македонскиот, средба имаше и грчкиот политички врв. Според грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во изминатиов период е постигнат значителен напредок, но сепак двете земји се уште се далеку од конечно решение на спорот. На последната средба која се оддржа во Њујорк, како што наведуваат медиумите, медијаторот изнел пет предлози кои би биле можно решение на спорот, односно, република Нова Македонија, република Северна Македонија, република Горна Македонија, република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје).

Треба да знаете
Последни објави