Search

Конституиран нов УО во шаховската федерација, потпретседател избран Златко Марин

Вчера во Скопје беше конституиран нов Управен одбор на Шаховската федерација на Македонија, согласно овластувањата на актуелниот претседател Благоја Богоевски, се до истекот на неговиот мандат.

За потпретседател е избран Златко Марин, Градоначалник на Општина Аеродром, а секретар на УО ќе биде Лидија Софревска од ШК „Алкалоид“. Во составот на УО се најдоа и:

Борче Георѓиевски, Градоначалник на Општина Гази Баба,

Стефан Богоев, Градоначалник на Општина Карпош

Дејан Николовски, претставник од кабинетот на Премиерот

Невзат Умер, Директор на „Џевахир Холдинг“

Коста Начевски, менаџер 

Горан Ѓорѓиевски, менаџер на „Специјал“

Сенко Смаиловиќ, директор на ЈП „Улици и патишта“

Жико Ѓориќ, менаџер во „ГМЦ Скопје“

Зоран Стојчевски, ШК „Гамбит Асеко“

Роландо Кутиров, велемајстор и претставник на играчите

– Минатиов период шахот незаслужено беше игнориран од сите надлежни институции. Федерацијата има блокирана сметка, па функционираше со големи тешкотии. Целта на овој УО ќе биде да овозможи услови за работа, да ја одблокира сметката и да го врати достоинството и сјајот што шахот го имал во Македонија. Очекуваме поддршка од сите надлежни институции, а најмногу од Агенцијата за млади и спорт,- рече претседателот Богоевски.

– Овој тим на луѓе што застанува зад Шаховската федерација на Македонија е сериозен во својата намера да го врати шахот во она светло кое беше кога Скопје беше домаќин на Олимпијадата. Ќе настојуваме да обезбедиме поддршка од сите институции, за да може шахот да заживее, пред се да се расчистат старите проблеми, а потоа да може федерацијата да биде организатор на големи настани. Следната година ќе бидеме домаќини на Европското првенство во забрзан шах, а благодарение на поддршката што ја имаме од Европската шаховска федерација се надеваме и на други големи настани, па дури и ќе се обидеме да ја вратиме Олимпијадата во Македонија,- изјави Дејан Николовски.

На седницата беше лиферуван и Предлог календар за 2018 година во кој се наброени повеќе „опен“ турнири, како и меѓународната програма со учество на Олимпијадата во Грузија.

kalendar sah 2018

Треба да знаете
Последни објави