Search

Србинот убиен при грабежот во Кисела Вода, 20 години ѝ бегал на полицијата

Четириесет и деветгодишниот, Ненад Топиќ, криминалец од Белград, кој речиси две децении им создавал проблеми на српските органи на прогонот, е еден од двајцата разбојници кои беа убиени од страна на сопственикот, при неуспешниот грабеж на менувачницата во скопската населба Кисела Вода.

Како што објави српскиот весник „Блиц“, идентитетот на Топиќ бил одреден според отпечатоците на прстите, по што било утврдено дека по него е распишана и меѓународна потерница од Интерпол.

 

Според информациите на „Блиц“, Топиќ, по кого српската полиција имала распишано црвена потерница, неколку месеци живеел во Скопје каде имал изнајмено стан во Карпош 3. Истрагата треба да открие како тој стапил во контакт со 32-годишниот Димитар Блажевски од скопско Бардовци со кого на 27 ноември се обиделе да ја ограбат менувачницата „Македонија“. Инаку и Блажевски бил неколку пати осудуван за разбојништва извршени во Скопје, а во март побегнал од отслужување на затворската казна.

Се претпоставува дека двајцата биле поврзани преку заеднички познаници од криминалното подземје.

Според информации од истрагата, кои ги пренесува „Блиц“, двојката извршила најмалку 15 грабежи во банки, менувачи и обложувалници во Скопје.

Во својот последен криминален поход тие влегле во менувачницата во Кисела Вода при што побарале пари од сопственикот Гоце А. (58), кој во целата мешаница успеал да посегне по својот пиштол и фатално да ги застрела разбојниците.

Менувачницата „Македонија“ неколку пати била цел на вооружени разбојници, а во една прилика бил убиен и братот на сопственикот, пренесува српски „Блиц“.

Инаку, постојат сомнежи дека Топиќ учествувал и во филмскиот грабеж на претставништвото на холандската авиокомпанија КЛМ во Белград во 1997 година, кога биле украдени 250.000 долари и 60.000 марки.

Треба да знаете
Последни објави