Search

„Монструм“ по пет и пол години поминати во ќелија излегуваат од притвор

Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Хазири и Сами Љута по пет ипол години излегуваат од притвор, одлучи Врховен суд. На обвинетите од „Монструм“ им е одредена алтернативна меркa односно два пати неделно да се јавуваат во судот и забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, што значи дека обвинетите не смеат да го напуштаат Скопје. 

„Врховниот суд на Република Македонија донесе решение по предметот Вкж2 бр.3/2016, познат во јавноста како „Монструм“, со кое на обвинетите А.И., Ф.А., Х.А. и С.Љ. им се определени други мерки за претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, како и редовно јавување пред Основниот суд Скопје I Скопје два пати неделно, а обвинетите веднаш се пуштаат на слобода“, се вели во соопштението на Врховниот суд.

По оваа одлука, обвинетите треба да ги чекаат поканите за рочиште во Кривичниот суд кое дополнително ќе биде закажано.

Еден од обвинетите се наоѓа во Истражниот затвор во Шутка, двајца се во затворот во Идризово, а еден е во затворот во Штип. Тие, според одлуката уште вечерва би требало да излезат од притвор. 

Врховниот суд донесе одлука да ја укине пресудата и предметот да го врати на повторено судење.

Кривичниот совет требаше да донесе одлука за притвор, но предметот повторно беше вратен во Врховниот суд кој, според кривичните судии, со одлуката за укинување на пресудата е должен да ја донесе и одлуката за мерката притвор.

Врховниот суд денес пресече, обвинетите од „Монструм“ веднаш се пуштаат на слобода.

За петкратното убиство единствено утврден е начинот на кој било извршено свирепото убиство, а кој до детали е заведен во обдукциските наоди подготвени од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Одговорите на прашањата околу доказите, вината кај обвинетите, како и тоа дали им се суди на вистинските сторители, останаа различни.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута се обвинети за петкратното убиство кое на на 12 април 2012 година, Велики четврток, се случи кај Смилковските езера. Полицијата ја спроведе акцијата под кодното име „Монструм“ во мај, 2012. Седуммината обвинети се товарат за тероризам. Според обвинителството мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Со првостепената одлука која денес Врховниот суд ја укина, шестмина добија доживотен затвор, а Сејди Рами беше ослободен од обвинение.

По обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се сторители на делото, полицијата распиша потерница. Тие на Косово беа осудени за нелегална трговија со оружје и откако ја одлежаа казната, излегоа на слобода.

Но тие никогаш не беа екстрадирани и сè уште се водат како недостапни на органите на прогонот. Нивните имиња пет години се наоѓаат на листата на потраги на официјалната веб-страница на МВР.

Неколку дена по апсењето на четворицата осомничени, во притвор заврши и Хаки Азири, кој првично требало да биде заштитен сведок, но потоа стана осомничен.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави