Search

Шекеринска со припадниците на Армијата: Направивме пресврт

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска, во пресрет на ратификацијата на НАТО-протоколот за членство во лијансата и гласањето за измените на Законот за одбраната, во касарната „Илинден“ во Скопје им се обрати на припадниците на единиците на Армијата.

Наспроти затекнатата ситуација пред две и пол години – занемарена и деморализирана Армија, буџетот за одбрана во слободен пад, ниски плати, лоши услови за работа, за две и пол години направивме пресврт, рече министерката..

„Во тој период донесов три одлуки. Првата – да побарам зголемување на буџетот во одбраната, втората – да побарам сериозно да се разгледаат Законот за службата и Законот за одбраната и да се предложат измени што ќе личат за Армија на НАТО-земја и третата – да го оживеам со големи дози адреналин веќе умртвениот процес на НАТО-зачленување на нашата земја. Денеска во пресрет на две важни одлуки на нашето Собрание, можам навистина и пред вас со гордост да кажам дека заедно направивме пресврт. Направивме пресврт затоа што покажавме дека и во одбраната и во Армијата може да се инвестира повеќе и подобро“, рече министерката Шекеринска.

За две години, рече Шекеринска, покажавме дека платите може континуирано да растат и дека со надоместокот за станарина од 7.500 денари, кој од следниот месец ќе ја добие секој припадник на Армијата, месечните приходи значително се зголемуваат.

„Тоа значи дека ако пред две-две и пол години професионалниот војник со приближно најниска плата одел дома секој месец со 20.000 денари, веќе од следниот месец вкупните приходи ќе му пораснат над 30.000 денари, повеќе од 50 проценти“, рече министерката.

Шекеринска рече дека пензионерите нема повеќе да гледаат со завист кон своите колеги во МВР бидејќи со измената на Законот за службата секој пензиониран припадник на Армијата ќе заминува во пензија со 80 отсто од своите 10 најдобри години.

Министерката особено се осврна на нашите припадници во мисиите за кои месечниот надомест, особено за професионалните војници и подофицерите, е зголемен од 500 до 700 евра, а зборуваше и за веќе надминатите проблеми во однос на опремата и логистиката.

„Минатата година првпат обезбедивме нови чизми за секој припадник на Армијата. Овој февруари ќе почне испораката на униформи за секој припадник на Армијата. Некој ќе рече – зарем треба да зборуваме за основни работи, како чизми и униформи, и јас се согласувам, но 10, 15 години за ова сме зборувале и не сме го решиле проблемот. Оваа недела ќе почне и испораката на спортска опрема за припадниците на Армијата“, рече министерката.

Министерката потсети и дека Армијата, која во период на кризи секогаш им помага на граѓаните, по 16 години, доби нови инжeнериски машини.

Таа упати честитки до тимовите што овозможија да се потпише договор со владата на САД за набавка на над 150 оклопни возила, со што Армијата ќе добие опрема што личи на вистинска НАТО-Армија.

Министерката Шекеринска упати благодарност до сите припадници на Армијата затоа што членството во НАТО е токму нивна заслуга.

„Благодарност за тоа што го сторивте, ние нашиот дел од задачите во поглед на НАТО-членството ги завршиме. Очекувам Законот за одбраната исто така да биде поддржан во Собранието. Буквално, до членството во НАТО нè делат денови, веќе не години, веќе не месеци, туку денови, и тоа е наш и ваш голем успех“, рече министерката.

Во изјава за медиумите Шекеринска рече дека пресвртот и промените се видливи и според интересот за последниот објавен конкурс за прием на нови професионални војници. На конкурсот за 70 места се пријавија околу 750 кандидати.

„Младите го забележаа овој пресврт и навистина ја гледаат Армијата како шанса за работа, каде што ќе напредуваат, на која ќе бидат соодветно платени и каде што трудот ќе биде ценет. Ова е најголемиот комплимент и за Владата и за сите нас – дека сме успеале за две години да направиме пресврт што државата и Армијата целосно го заслужија“, додаде Шекеринска.

Треба да знаете
Последни објави