Search

„Шарени бои за поддршка на различноста“-Општина Аеродром го одбележа Денот на лицата со Даунов синдром

Под слоганот „Шарени бои за поддршка на различноста”, Општина Аеродром и ООУ„Александар Македонски” го одбележаа Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.

На настанот се претставија деца со Даунов синдром и нивните соученици од различни одделенија, а свое излагање имаше Марија Делетиќ, директорка на училиштето „Д-р Златан Сремец”, кое има своја подрачна паралелка во рамките на ОУ„Александар Македонски”, соопшти Општина Аеродром.

– На сите ученици би им порачала да бидат пример за своите другарчиња со Даунов синдром, истакна Делетиќ, која додаде дека различноста треба да се промовира како предност, а не како недостаток.

Во знак на солидарност со лицата со Даунов синдром, денеска се носат шарени чорапи и ноктите се лакираат во различни бои. Целта на оваа манифестација е дружење и социјализација на овие дечиња, како и подигнување на свеста за потребата од нивна инклузија во општеството.

На денешниот настан присуствуваа и претставници од организацијата „Отворете ги прозорците”, како и претседателот на Европската шаховска федерација Зураб Азмајпарашвили од Грузија и Благоја Богоевски, претседател на Македонската шаховска федерација, кои им доделија пригодни подароци на дечињата со Даунов синдром.

Треба да знаете
Последни објави