Search

Чулев: Можеме да успееме ако делуваме сите заедно

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев оствари работна посета на граничниот премин Табановце каде се сретна со полициските службеници кои се ангажирани на граничниот премин и ги преземаат мерките кои се донесени од страна на владата за справување со Корона вирусот.

„Денеска сум во посета на граничниот премин Табановце и остварив работна средба со полициските службеници кои се распоредени и помагаат, односно даваат надчовечки напори за намалување на последиците од епидемијата на „Ковид 19“. Дојдов тука да им изразам поддршка на овие наши колеги кои деноноќно работат и даваат се од себе. Како министер за внатрешни работи, во рамки на сите средби на државниот врв изминатиот период, инстистирав дека е неопходно преземање построги и поитни мерки со кои ќе се гарантира и ќе се заштити животот и здравјето на граѓаните и дека ако делуваме сите заедно тогаш можеме да успееме.“, потенцираше Чулев во своето обраќање.

Тој нагласи дека македонската полиција, сите полициски службеници, се свесни за вонредноста на состојбата и за напорите и големиот влог што треба да се даде со цел успешно да го пребродиме ова премрежие.

Ние, како министерство, ќе дадеме се од себе и ќе ги спроведем сите упатства и насоки, независно колкави жртви да се бараат од нас. Но, притоа апелирам на максимално граѓанско разбирање и кооперативност во заедничката борба што ќе ја водиме и што – бидете сигурни – ќе ја добиеме. Министерството за внатрешни работи, како што впрочем јавно кажав и пред два дена, ќе биде во постојан и отворен контакт со средствата за јавно информирање и со сите заинтересирани граѓани во насока на транспарентно и заедничко делување во спречувањето на ширењето на епидемијата, додаде Чулев.

Секторот за внатрешни работи Куманово заклучно со денес има поднесено три кривични пријави кои се однесуваат на непочитување и неспроведување на мерките од владата и согласно со член 206 од кривичнио законик доставени се кривични пријави до јавното обвинителство. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат препораките од владата и да се воздржат од патување во странство, заклучи Чулев.

Треба да знаете
Последни објави